Фото: Принтскрин

Крузер со околу 800 патници заразени со ковид-19 се закотви во Сиднеј, Австралија.

„Маџестик принцес“ отплови од Нов Зеланд. Кога стигнал во Сиднеј, на бродот имало околу 4.600 патници и членови на екипажот, што значи дека приближно секој петти имал коронавирус, пишува „Би-би-си“.

Овој случај потсетува на појавата на коронавирус на бродот за крстарење „Руби Принцес“ на почетокот на 2020 година, кога најмалку 900 луѓе беа позитивни, а 28 починаа. Маргерит Фицџералд, претседателка на компанијата за крстарења „Карневал Австралија“, рече дека голем број случаи биле откриени на половина пат од 12-дневното патување.

Таа додаде дека сите случаи се асимптоматски или со благи симптоми и дека персоналот ќе им помогне на сите патници кои ќе тестираат да најдат приватен превоз и сместување за правилно да ја завршат изолацијата. Бродот наскоро ќе исплови за Мелбурн.

На прашањето за споредби помеѓу ситуацијата на „Маџестик принцес“ и „Руби Принцес“, Фицџералд рече: „оттогаш научивме многу, многу повеќе за ковид“.

Се зголемува бројот на заразени со ковид-19 низ Австралија. Во Нов Јужен Велс за седум дена се регистрирани 19.800 нови случаи.