Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот, пред да им се обрати на светските лидери на самитот за климата, прочита, како што рече, „сосема разбирливи услови“ за мировни преговори. Аналитичарите што го следат буквално секој чекор на двајцата лидери на завојуваните страни, во зборовите на Зеленски препознаа навестување на можноста за мировни преговори со Русија, што е отстапување од неговото претходно одбивање да преговара со претседателот Владимир Путин пред клучните избори во САД
Конфликтот во Украина дојде до 260-от ден, сѐ погласни стануваат апелите за почеток на мировни преговори
Ситуацијата во Украина останува непроменета, а хроничарите ќе запишат дека денеска истекува 260-от ден од почетокот на воените дејства. По сите случувања, престрелки, бомби, загинати, раселени и стравичните последици што ги чувствува целиот свет, првите луѓе на двете спротивставени страни остануваат цврсто вкопани во своите фотелји и не седнуваат на преговарачката маса на која би го побарале излезот од оваа ситуација.
Но се чини дека сепак на хоризонтот се појавува зрно надеж дека не е сѐ изгубено, дека, сепак, ќе надвладее разумот и дека лидерите на завојуваните страни ќе го побараат решението на преговарачка маса, како што се случувало секогаш во историјата. Како што пишува италијанскиот весник „Република“, САД и земјите од НАТО разговараат за условите под кои би можел да продолжи дијалогот меѓу Украина и Русија. „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори запознаени со дискусиите, објави дека Белата куќа побарала од украинското раководство да покаже отвореност за преговори.
„Волстрит журнал“, повикувајќи се на свои извори, објави дека американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан бил во контакт со помошникот на рускиот претседател за меѓународни прашања Јуриј Ушаков и секретарот на Советот за безбедност Николај Патрушев во последните месеци. Според весникот, целта на преговорите е да се спречи ескалација на конфликтот во Украина, вклучувајќи ја и заканата од употреба на нуклеарно оружје.
Официјални преговори засега нема
Првите сигнали што по подолго време доаѓаат од двете завојувани страни, а даваат надеж дека е можно да дојде до некаков позитивен пресврт, сепак, се охрабрувачки.
Многумина со недоверба ја проследија веста што ја објави „Вашингтон пост“ дека САД го охрабриле Киев да сигнализира подготвеност за разговори. Веста се совпаѓа и со изборите за Конгресот во САД, кои, според Ројтерс, би можеле да бидат тест за поддршката на Западот за Украина.
Веднаш по ова, во понеделникот доцна вечер, украинскиот претседател Володимир Зеленски во доцните ноќни обраќања, пред да им се обрати на светските лидери на самитот за климата, прочита, како што рече, „сосема разбирливи услови“ за мировни преговори.
– Уште еднаш – враќање на територијалниот интегритет, почитување на повелбата на Обединетите нации, компензација за сета воена штета, казнување на секој воен злосторник и гаранции дека нема да се повтори тоа – рече Зеленски, кој додаде дека Украина постојано предлагала такви разговори, но дека секогаш добивала „луди руски одговори со нови терористички напади, гранатирање или уцени“.
Аналитичарите што го следат буквално секој чекор на двајцата лидери на завојуваните страни, во зборовите на Зеленски препознаа навестување на можноста за мировни преговори со Русија, што е отстапување од неговото претходно одбивање да преговара со претседателот Владимир Путин пред клучните избори во САД. Агенцијата Асошиејтед прес пишува дека тоа е промена во реториката од човекот што го потпиша указот на крајот на септември, во кој се наведува „неможноста да се разговара“ со Путин.
Сепак, некои од аналитичарите се попретпазливи во очекувањата, укажувајќи дека предусловите што ги наведе Зеленски се чини дека не се прифатливи за Москва, па тешко е да се предвиди како тоа ќе ги унапреди разговорите.
Во контекст на позитивните реакции, треба да се спомне изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој во понеделникот го повтори ставот на Москва дека е отворена за разговори, но рече дека Киев ги отфрла. Се укажува и на фактот дека указот на Зеленски од 4 октомври, со кој беше одобрена одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на земјата дека преговорите со рускиот претседател Владимир Путин се невозможни, сега е во сила во Украина. Но, во новиот контекст на ситуацијата, се чини дека и ова не е непремостлива пречка.
Руската државна новинска агенција РИА новости објави дека рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко изјавил дека тие не поставуваат никакви предуслови за преговори, туку дека единствено Украина ги кочи изгледите за нивно продолжување.
– Од наша страна нема никакви предуслови освен главниот услов, Украина да покаже добра волја – вели тој.
За потсетување, Русија и Украина одржаа неколку рунди преговори во Белорусија и во Турција на почетокот на војната. Разговорите, кои не дадоа резултати, останаа блокирани по последниот состанок на делегациите во Истанбул во март.
Сите војни секогаш завршуваат со преговори
Американскиот медиум „Форин аферс“ на проблемот му посвети поголема анализа, која заслужува внимание.
„Речиси сите војни секогаш завршуваат со преговори… Глобалните економски трошоци од конфликтот се веќе огромни и речиси сигурно ќе се зголемат со наближувањето на зимата. Дури и ако договорениот прекин на непријателствата денес изгледа невозможно, администрацијата на Бајден мора да почне да ги поставува – и јавно и со своите партнери – тешките прашања што би ги повлекувало таквото решение. Владата мора да го избере вистинското време да ги поттикне преговорите и да утврди во кој момент трошоците за продолжување на борбата ги надминуваат придобивките“, се вели во анализата. Притоа се сугерира дека, за да се подготват за подобар договор, креаторите на политиката на САД треба да поддржат заеднички фронт меѓу Западот и Киев, да ја земат предвид внатрешната политика на Украина и Русија и да бидат флексибилни, особено во одредувањето кои санкции можат да бидат укинати без да дојде до зајакнување на режимот на Путин.
Притоа медиумот укажува дека „администрацијата на Бајден студиозно избегнувала да зборува за тоа што ќе се случи следно, тврдејќи дека Украинците треба сами да одлучат што да направат во нивен интерес. Но одржувањето на таа позиција станува сè потешко сега, кога Владимир Путин го удвои воениот конфликт и упати нуклеарни закани кон Западот. Рускиот претседател одлучи да преземе значителен нов ризик наместо да се повлече, со што јасно стави до знаење дека оваа битка нема да заврши со едноставно предавање на Москва. Иако овие ризици засега изгледаат подносливо, може да дојде момент кога реализацијата на заканите ќе стане можна. Во исто време, економските последици од конфликтот брзо се влошуваат. Во Украина државниот буџет е практично уништен, земјата едноставно останува без пари“.
Клучни се следните две-три недели
Во анализата на „Форин аферс“ се предвидува дека следните две-три недели може да бидат клучни за понатамошниот тек на украинскиот конфликт и воопшто за кризата што ја опкружува таа земја. Како клучен елемент, медиумот ги зема предвид американските избори за Конгресот.
„Иако двете страни – и демократските и републиканските – имаат консензус за прашањето за целосна осуда на Русија и неопходноста од соочување со Москва не само во врска со војната во Украина, пристапот и моделите, пред сè за помагање на Киев, се разликуваат многу во одредени суштински елементи“.
Вториот многу битен момент, според истиот извор, е важниот самит на Г20 на индонезискиот остров Бали.
„Иако рускиот претседател Владимир Путин вели дека сѐ уште не е сигурен дали лично ќе присуствува на самитот, на кој официјално беше поканет од домаќинот – индонезиската влада, која во моментов претседава со форумот, Русија секако ќе биде претставена на високо ниво. Доколку на самитот дојде и украинскиот претседател Зеленски, кој исто така е поканет иако таа земја не е членка на Г20, работите ќе бидат уште поинтересни. Иако, треба да се нагласи, Зеленски најави дека нема да оди доколку и Путин оди на Бали“.
Што и да се случи на крајот, на сите им е јасно дека состојбата на трајно јакнење на тензиите, како политичката реторика и пропаганда, така и воените дејства на теренот, не може да трае вечно, бидејќи се заканува опасна ескалација, која може да излезе од контрола од оние што секогаш мислат дека контролираат сè.
Токму во тоа „лежи“ можноста за конечно започнување решителен дијалог што би довел, ако ништо друго, барем до избегнување конфликт во односот Русија -САД и Русија – НАТО, што на крајот, сигурно, би било фатално за сите.
„Затоа, верувањето во контролирање на ситуацијата и спречување непосреден воен конфликт меѓу Русија и НАТО се заснова на опасност и психолошки процени на потезите на противникот, а не на професионализам, т.е. предупредувањата на спротивната страна дека црвените линии во Украина се веќе сериозно прегазени, а би се осмелил да кажам и дека е прегазена. Време е да се променат целата украинска парадигма и болниот премин од долгорочна фаза на пропаганда во реална политика. Во спротивно, проблемот не може да се реши“, завршува анализата на „Форин аферс“.
Подготвил: Mарјан Велевски