Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги повика командантите на четите да ја интензивираат воената обука и да ја зајакнат борбената готовност на своите единици, оценувајќи дека тоа е нивна „примарна револуционерна задача“, објавија денеска државните медиуми.
– Примарната револуционерна задача на командантите на четите е да ги завршат борбените подготовки на своите единици за да бидат целосно подготвени за војна – пренесе севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Според агенцијата, Ким ја упатил пораката вчера, за време на фотосесија со учесниците на Третиот состанок на командантите на четите на Корејската народна армија. Тој нагласил дека постигнувањето висока борбена подготвеност бара значително унапредување на интензитетот и квалитетот на воената обука.
Севернокорејскиот лидер, исто така, побарал од командантите да ја покажат својата лојалност и лидерските способности преку зајакнување на борбените капацитети на единиците со кои раководат.
Ким ги повикал да создадат единици во кои, како што пренесува КЦНА, еден војник ќе вреди колку сто други, нагласувајќи ја потребата од цврста револуционерна вера, патриотски дух, херојска храброст и висока борбена ефикасност.































