Со цел да се спречи неказнивост на прекршителите на патниот сообраќај, ќе се воведе нов систем што ќе овозможи казнување на возачите на ниво на целата Унија кога земја членка ќе одлучи да казни возач за прекршок направен на нејзина територија. Според тоа, ако сообраќајната полиција од одредена држава констатира прекршок на возачот, тоа ќе значи и казна во која било земја на Унијата. Прекршителите на сообраќајот во сите земји на ЕУ ќе бидат повикани на одговорност бидејќи, според сегашните правила, кога сериозен прекршок резултира со казна, таа не може да се спроведе низ целата Унија ако возачот го сторил прекршокот во земја членка што не му издала возачка дозвола
ЗА ГРАЃАНИТЕ ВОЗАЧИ ШТО СЕ ДРЖАВЈАНИ НА ЧЛЕНКИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА СЕ ПЛАНИРА ВОВЕДУВАЊЕ ЕЛЕКТРОНСКА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА
Европската Унија планира да ја зголеми безбедноста во сообраќајот, да дојде до нула смртни случаи и да ги сведе на минимум сериозните повреди на патиштата во ЕУ. Оваа амбициозна цел ЕУ планира да ја реализира целосно до 2050 година. Причина за тоа се стравотните и поразувачки бројки од изминатите години. Како пример се споменува 2022 година, кога повеќе од 20.000 животи беа изгубени на патиштата низ Европа, а најголем дел од жртвите беа пешаци, велосипедисти и возачи на скутери и на мотоцикли.
Како прв чекор во тој правец ЕУ размислува за воведување единствени дигитални возачки дозволи. Со цел да се подобри безбедноста за сите учесници во сообраќајот, освен дигиталните возачки дозволи, ЕУ ќе имплементира задолжителни здравствени прегледи за возачите, пробни периоди за младите возачи, а за сите овие предлози енергично се расправа и во Европскиот парламент.
ШТО ЌЕ СЕ МЕНУВА
Предлог-правилата за возачки дозволи на ЕУ беа прифатени со 339 гласа „за“, 240 „против“ и 37 воздржани. Така, Собранието го усвои законот во прво читање, но поради претстојните избори, кои треба да се одржат од 6 до 9 јуни, новоизбраните пратеници ќе мора да продолжат да работат на законот и комплетно да го усвојат.
Што конкретно значи новата регулатива поврзана со возачките дозволи. Според новите законски измени, возачите почетници ќе имаат пробен период од најмалку две години по полагањето на тестот за возачка дозвола, со нулта толеранција за возење под дејство на алкохол. Иако тие сочинуваат само осум проценти од сите возачи на автомобили, според документите на Европската комисија, во два од пет фатални судири учествуваат лица помлади од 30 години.
Модернизираните правила би им овозможиле на младите да полагаат тест и да почнат да возат автомобили и камиони од 17-годишна возраст за да стекнат возачко искуство, но – со придружба. Возачите исто така ќе бидат советувани да ги ажурираат своите возачки вештини и знаења за да бидат во чекор со технолошкиот развој.
За првпат во светот се предлага воведување дигитална возачка дозвола во земјите членки на ЕУ. Тоа ќе ги олесни процедурите за издавање, замена или обновување што може да се направат онлајн.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА
Модернизираните правила за возачка дозвола, според предлагачите, беа создадени за да го направат одвивањето на сообраќајот побезбедно, а истовремено да го поедностават секојдневниот живот. Предлогот за возачка дозвола ќе го измени постојниот закон на ЕУ, кој се заснова на најдобрите практики што се веќе во сила во неколку земји членки.
– Новите правила ќе ја подобрат безбедноста за сите учесници во сообраќајот и ќе ѝ помогнат на Унијата да ја постигне својата визија – да има нула смртни случаи на патиштата до 2050 година. Тие подобро ќе ги подготват возачите за возила со нулта емисија издувни гасови и возење по градските патишта, со повеќе велосипеди, возила на две тркала и многу пешаци. Младите возачи ќе можат да стекнат искуство и преку шемата за придружено возење – од 17-годишна возраст ќе можат да научат да возат и да добијат возачка дозвола. Оние што ќе положат на 17 години ќе можат самостојно да возат од 18 години, а да работат како професионални возачи веднаш штом ќе дозволи одредена работа. Тоа ќе помогне да се реши сегашниот недостиг од возачи – детално беше елабориран концептот од Европската комисија, чии предлози беа разгледани од претставници на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Клучната цел на новите правила е да се подобри безбедноста на патиштата и да ѝ се стави крај на неказнивоста за сериозни прекршоци во ЕУ.
ЌЕ СЕ НАМАЛИ НЕКАЗНИВОСТА
Со цел да се спречи неказнивост на прекршителите на патниот сообраќај, ќе се воведе нов систем, кој ќе овозможи казнување на возачите на ниво на целата Унија кога земја членка ќе одлучи да санкционира возач за прекршок направен на нејзина територија. Тоа значи дека ако возач направил прекршок во Грција, како земја членка на Унијата, дисквалификацијата ќе важи и во Франција, на пример.
Прекршителите на сообраќајот во сите земји на ЕУ ќе бидат повикани на одговорност бидејќи, според сегашните правила, кога сериозен прекршок резултира со казна, таа не може да се спроведе низ целата Унија ако возачот го сторил прекршокот во земја членка што не му издала возачка дозвола.
Новите правила опфаќаат и тешки сообраќајни прекршоци, како што се брзо возење, возење под дејство на алкохол или дрога и предизвикување смрт или тешка телесна повреда како резултат на каков било сообраќаен прекршок.
Во 2019 година околу 40 отсто од прекуграничните кривични дела не биле казнети или не била извршена исплатата затоа што сторителот не бил идентификуван. Новите предлози планираат да го решат тоа со дозволување на властите да пристапат до националните регистри за возачки дозволи. Се предлага да се зајакне улогата на воспоставените национални контактни точки за да можат подобро да соработуваат со органите вклучени во кривичните истраги. Со тоа, како што објаснуваат, би се решиле досегашните недостатоци во соработката меѓу земјите членки на ЕУ при истрагите.
Списокот на сообраќајни прекршоци би се проширил со најчестите прекршоци што ги прават возачите, како што се брзо возење и возење под дејство на алкохол, неодржување доволно растојание од возилото напред, опасно престигнување, опасно паркирање, возење во погрешна насока, непочитување на правилата за користење коридори за итни случаи, како и употреба на преоптоварено возило.
Овие дополнувања ќе помогнат да се намали неказнивоста за таквите прекршоци и да се подобри способноста на земјите членки да ги казнуваат престапниците од другите земји членки, но исто така ќе обезбедат еднаков третман на престапниците резиденти и нерезиденти.
Ажурираните закони ќе обезбедат почитување на правата на лицата обвинети за сообраќајни прекршоци. Нерезидентите го задржуваат правото на ефективен правен лек и правично судење, пресумција на невиност и одбрана. Тие права ќе бидат подобро гарантирани со одредби што обезбедуваат ускладена содржина и доставување на известувања за казни, со обезбедување дека примателите на таквите известувања можат да ја потврдат нивната автентичност и со поставување стандарден услов за споделување информации со наводните престапници.
Наменскиот ИТ-портал ќе им овозможи на граѓаните лесен пристап до информации за правилата за безбедност на патиштата што се во сила во секоја земја членка и на крајот ќе им овозможи директно да ги платат сите казни.
Правилата ќе бидат усогласени и со правилата на ЕУ за заштита на личните податоци (GDPR и LED).
Кои новитети ќе се имплементираат?
Електронска возачка дозвола: Воведување дигитална возачка дозвола што ќе биде достапна на мобилен телефон и која ќе биде идентична со физичката возачка дозвола.
Здравствени прегледи за возачите: Возачите ќе мора прават здравствени прегледи на секои 15 години. Оваа мерка има цел да гарантира дека возачите се способни за безбедност на патот.
Строги правила за младите возачи: Возачите во пробен период ќе мора да поминат најмалку две години со ограничувања. Возачките дозволи за мотоцикли, автомобили и за трактори ќе важат 15 години, а за камиони и автобуси – пет години.
Оценување за физичката и менталната состојба на возачите: При издавање или обновување на возачките дозволи, возачите ќе мора да бидат оценети за нивната физичка и ментална состојба. Членките на ЕУ ќе одлучат дали оваа оцена ќе се замени со лекарски преглед.
Обука за реални ситуации: Тестовите за возачката дозвола ќе вклучуваат возење во снежни и влажни услови, мртви агли, системи за помош на возачот и безбедно отворање на вратите на возилото.