Извор: Би-би-си
На московската авенија Нов Арбат се поставени едни од најголемите видеоекрани во Русија. Деновиве сите тие ја прикажуваат истата џиновска слика: Запалена свеќа и рускиот збор „Скорбим“ („Тагуваме“). Русија тагува за жртвите од масакрот во „Крокус Сити Хол“. Низ целата земја руската тробојка е на половина копје, забавните и спортските настани се откажани, телевизиските водители се облечени во црно.
Нема конечна бројка на загинати. Потрагата по жртвите продолжува. Можеби не е во центарот на Москва, но „Крокус Сити Хол“ е едно од најистакнатите музички места во Русија. Но, петочното крвопролевање ја претвори концертната сала во пекол. Напаѓачите убиваа не само со куршуми, туку и со оган. Ја запалија зградата и создадоа пекол. Видеото објавено од Истражниот комитет на Русија покажува дека покривот се урнал. Исто и метални греди.
Пред зградата се уште стојат полициски ленти. Од местото каде што стојам, можам да видам еден изгорен дел од забавниот комплекс. Тоа е навестување на пустошот внатре.
Луѓето стојат во редици за да положат цвеќе на импровизираното светилиште за жртвите на злосторството. Планината од предмети со кои се изразува почит станува сè поголема. Освен што оставаат рози и каранфили, посетителите тука поставуваат кукли и меки играчки на цвеќињата. Тоа е затоа што меѓу загинатите има и деца.
Луѓето исто така оставаат пораки. Една е упатен до напаѓачите: „Вие сте ѓубриња, никогаш нема да ви простиме“.
Меѓу толпата тука има мешавина од тага и гнев.
– Срцето на земјата боли. Душата ми плаче. Русија плаче. Толку многу млади луѓе беа убиени. Се чувствувам како да ми загинаа моите деца – вели Татјана, која дојде за да положи цвеќе.
„Тоа беше голем шок. Живеам во близина и видов што се случи од мојот прозорец. Тоа е ужасно и голема трагедија“, вели Роман.
– Кој и да го извршил ова, тој не е човек. Тие се наши непријатели. Мислам дека треба да го откажеме мораториумот на смртната казна. Барем за терористите – ми вели пензионер по име Евгениј.
Четворица осомничени се обвинети за терористички дејствија за нивната наводна улога во пукањето, а московскиот окружен суд Басмани им одреди да останат во притвор два месеци.
Тие се идентификувани како Далерџон Баротович Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фаридуни и Мухамедсобир Фајзов на официјалниот Телеграм канал на московскиот суд.
Мирзоев, државјанин на Таџикистан, се изјаснил за виновен по сите обвиненија.
Терористичката група Исламска држава тврди дека стои зад масовното пукање во „Крокус Сити Хол“. Таа објави фотографии од напаѓачите. Американските власти рекоа дека немаат причина да се сомневаат во тоа преземање на одговорност.
Реакцијата тука беше многу поинаква. Руските власти ја промовираат идејата дека, некако, на некој начин, Украина стои зад бруталниот напад. Во своето телевизиско обраќање во саботата, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека четворицата вооружени напаѓачи биле уапсени во обид да побегнат во Украина. Тој навел дека „им бил подготвен премин од украинската страна да ја преминат границата“.
Киев ги отфрли ваквите наводи, но не ги спречи про-Кремљ коментаторите да ги повторуваат тврдењата за поврзаност со Украина. Тоа го покренува клучното прашање. Како Кремљ ќе реагира на овој разорен напад?