Верувате ли во (европски) бајки

Би можела да пишувам на темата „Европска Унија“ учено и компетентно. Зад себе имам предавачко искуство и универзитетски учебник (во две изданија) за предметот Политички систем на ЕУ (или Европски политички институции). Но верувам дека ви е доста од мудрување и попување за ЕУ како мировен проект, најуникатен модел на политички систем во историјата на човештвото, како Шуман и Аденауер имале антивоени визии и желба за соработка меѓу европските нации итн. Накусо, кога се зборува за ЕУ сè започнува со тезата за нејзиното „девствено раѓање“, небаре е зачната од ништо (ex nixilo), како нешто најневино и чисто и благородно што само треба да се возљубува и следи. Но фактите зборуваат за нешто друго. Зачетокот на она што денес го знаеме како Унија беше Заедницата за јаглен и челик од пред седумдесетина години (картел на елити во тешката индустрија пред да прерасне во економска заедница); потоа следува оцртувањето на нејзиниот „фантастичен“ развој во насока на зона на слободен пазар, еврозона, мир, прогрес, благосостојба. Мнозинството познавачи на ЕУ, а особено нејзината политичка елита, сепак се покорува на заветот на молк кога станува збор за сеќавањата на империјализмот и колонијализмот на европските сили. На пример, прашањето за некаква (макар и морална) одговорност за злосторствата сторени во времето на колонијалното минато на земјите членки е табу-тема. Но митот на ЕУ е смоквиниот лист што треба да ги покрие не само минатите туку и сегашните неоимперијални и неоколонијални гревови и инстинкти.
Политиката на проширување на ЕУ (слично како и онаа за ширењето на НАТО) е нешто во стилот „не ме гледај што правам, туку слушај што зборувам“. Митот е мит, или со други зборови креиран наратив, бајка, „мека моќ“ на убедување и моделирање на постсоцијалистичките (и други) земји во согласност со интересите на Брисел. Сето тоа што треба да ја направи Унијата „моуст сексипајл лејди“ (што би рекол незаборавениот Заев), или уште поточно е: таквата бајка е механизам за дисциплина, социополитички инженеринг, и конечно – своевидна религија. Во верските учења нема преиспитување на догмите. Ако е веќе кажано (на пример, во Лисабонскиот договор) дека ЕУ е заедница на вредности, тогаш кои сме ние, недоволно европеизираните, да поставуваме незгодни прашања? Кога ќе чујам како го цитираат Лисабонскиот договор (тоа му доаѓа како устав на Унијата, за тие што не знаат), веднаш помислувам дека тие луѓе веруваат во нормативен илузионизам. Со други зборови, веруваат дека она што е нормативно (запишано) е и стварно. На пример, и во нашиот устав пишува дека Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Во стварноста, нешто сосема обратно. Имаме и листа на темелни вредности, ама куќата нема ни темел ни вредносен систем.

Да се вратам јас на нашата крајна и најпосакувана дестинација… Ќе напишам неколку тези (кои, за жал, немам простор да ги елаборирам пошироко): прво, европските големи држави го носат „оригиналниот грев“ на колонизирање и експлоатирање на светот. Тоа што се развиени и богати е платено со милиони животи на невини луѓе, со грабеж на нивните национални ресурси и богатства, а не со некаква супериорност на европскиот ум и карактер. Појавата и растот на нивната средна класа е резултат на масовно изгладнување и уназадување на цели цивилизации (на другите континенти). Двете светски војни се европски производ, т.е. последица на кризата на капитализмот (односно највисокиот стадиум на капитализмот – империјализмот). Таа цена ја плаќаат и младите луѓе низ Европа и низ светот. Појавата на ОН требаше да биде зрак на надеж и одек на она „никогаш повеќе“, но подоцна преку идејата за евроатлантски сојуз (НАТО) и европска интеграција донекаде скротениот империјализам само се препакува во поубава и помирољубива обланда. Под обландата лежат не само развојот на неолибералниот капитализам, профитот за големите на сметка на помалите, јакнењето на центарот (Германија првенствено) на сметка на европската периферија (читајте го Лапавицас) туку и развојот на военоиндустрискиот комплекс.
Малкумина знаат колку профит носи воената индустрија, извозот на тешко и лесно вооружување, кое се произведува токму таму, а им се продава на сиромашните. Скандалот со хеликоптерите од Италија ви е само еден конкретен пример, а има безброј други. Поентата е дека ЕУ ни оддалеку не се придржува до вредностите што ги прокламира, дури и во однос на сопствените граѓани. Второ, капиталот има предност пред демократскиот избор на граѓаните (сетете се на Грција или Унгарија од неодамна; непослушните се казнуваат сурово). Трето, односот кон „глобалното мнозинство“ во светот е империјалистички, а не заснован на еднаквост и заемна почит. Обвинети за геноцид врз Ујгурите, Кинезите ѝ одговорија на ЕУ: вие барем добро знаете што е геноцид! За жал, ЕУ е денес директен соучесник и поддржувач на нов геноцид во Газа.
Но Македонците се сеќаваат на две слични зла сторени врз нив: едното е она поврзано со егзодусот од Егејска Македонија проследено со непризнавање на македонското малцинство од „добрите соседи“, а другото е ова што сега ни се случува под превез на „преговарачка рамка за влез во ЕУ“ (францускиот предлог) – јасен идентитетски и културен геноцид со кадифена ракавица.
Сепак, и покрај сè, на овој народ му се наметнува една иста тема, одново и одново: дали е за ЕУ или за Русија (!?). Кога Македонија би влегла во ЕУ? Што би добиле од тоа? Што би требало да платиме за да се оствари тоа? Да почнам по обратен редослед: што и да платиме, членство (она од бајките, со полни џебови и стомаци) е недостижна цел барем за неколку генерации, и тоа под услов човештвото да не се самоуништи дотогаш. Апсурдно, но и третата светска војна има најмногу шанси да започне на европско тло. (Додека пишувам веќе се слуша татнежот на глобалната војна, поблиска за чекор за разлика од вчера). Разликата овој пат е што Европа е бурето барут (Украина, но и Балканот), фитилот е во ЕУ, а детонаторот во рацете на Вашингтон. И стопати да промениме устав, и да ги запишеме сите „делови на народи од ЕУ“ – пак ништо од бајката „ЕУ ќе нè храни“. Таа се милитаризира, повеќе пари насочува кон воениот сектор отколку кон социјалата и станува голем извозник на оружје во светот. Генералите на Макрон подготвуваат баталјони за одење во битка со Русија. За тоа време земјоделците се бунтуваат, на граѓаните им се кратат човековите права (дури и за споменување на зборот на „Г“ во врска со Газа или обично носење кефија, палестинска шамија).

Се разбира, за ова нема да чуете ништо од нашите елити. Тие се компрадори: домашни претприемачи што работат на продавање на приказната и обезбедување покорност, за што се богато наградени (со позиции, привилегии, пари). Да биде уште полошо, воено-индустрискиот комплекс и корпорациите се веќе испреплетени во нов систем на сеопфатна (тоталитарна) моќ, кој го нарекуваме „воено-индустриски-медиумски-академски комплекс“. Неговата функција е одржување на статус квото, демонизација и замолчување на секој што ќе викне „царот е гол и не толку добар“, смирување на народниот гнев предизвикан поради тешката сиромаштија и живот среде корумпирани ајдуци, со ветувања за „задгробен“, пардон европски живот. Ако верувате во ЕУ, тогаш сигурно верувате и во Дедо Мраз или еднорози. Секој има право да верува во што сака, но проблемот е кога вербата во нешто што реално не постои ја одзема моќта за акција и дејствување кон нешто што може да се оствари со сопствен труд, борба и доследност. Ако Македонија нема свој вредносен компас, а ја водат луѓе што би ја продале и сопствената мајка за некоја придобивка, тогаш каква пилула е онаа за ЕУ? Сина или црвена? Сакате будење од матриксот или поубаво е да се верува во лаги?
Ние што не сме дел на „градината“ на Жозеф Борел сме, по дефиниција, недостојни и варвари. Луѓе и народи што треба да се цивилизираат (избањаат, по нашки) пред и да помислат да чукнат на вратата на ЕУ. Интересно е што и покрај ваквиот потценувачки, арогантен и културно империјален став, нашите елити и натаму во ЕУ гледаат како на некакво суперего, некаква морална сила што ќе нè оправи. Се покажува дека камшикарот не беше идеал само за Заев; тој садомазохистички однос на восхит и страхопочит е длабоко васден во сите оние што претендираат да бидат не управувачи, туку измеќари на Западот. Без оглед дали се лево или десно на идеолошкиот спектар. А целата работа е да си ја откриеме Македонија, да си ја засакаме повторно без да ја мажиме или продаваме. Таа може да биде градина, ама вистинска, да раѓа плодови наместо да се крсти во жилавиот пиреј. Но за да засукаме ракави и почнеме да си го чистиме дворот и засееме полињата, треба да се ослободиме од поданичкиот дух и слепата верба дека сето тоа зависи од некој друг. И дека сами не можеме и не знаеме…