Фото: пиксабеј

Јуни 2023 година беше најтоплиот јуни на глобално ниво откако се воспоставени мерења на температурата на морето и воздухот, според Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската унија.

–  Ова беше најтоплиот јуни на глобално ниво со нешто повеќе од 0,5 степени Целзиусови над просекот од 1991 до 2020 година, надминувајќи го претходниот рекорд јуни од 2019 година со значителна разлика – се вели во извештајот на „Коперник“.

„Коперник“ ја базира својата пресметка на компјутерски генерирани анализи кои користат милијарди податоци од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот, пренесе „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

„Коперник“ наведува дека Европа доживеа рекордни температури во текот на јуни, додека делови од Северна Америка, Азија и источна Австралија беа значително потопли од вообичаеното за тој период од годината.

Мразот на Антарктикот е под просекот

Температурата на морето беше рекордна за јуни поради долгорочните промени и делумно поради „Ел Нино“, природен климатски феномен што предизвикува тропски циклони во Пацификот и ги зголемува врнежите.

– Екстремно топли температурни аномалии на површината на морето беа забележани во Северниот Атлантик. Екстремни морски топлотни бранови беа забележани околу Ирска, Обединетото Кралство и во Балтичкото Море“, се вели во извештајот на „Коперник“.

Мразот на Антарктикот имаше најнизок степен во јуни од почетокот на сателитските набљудувања, 17 отсто под просекот – додаде „Коперник“.