Израелските одбранбени сили (ИДФ) целосно го опколија градот Газа и стигнаа до морето, со што појасот Газа практично е поделен на север и југ, изјави на брифинг портпаролот на армијата, бригадниот генерал Даниел Хагари.
И началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, синоќа изјави дека армијата е подготвена „во секој момент да почне офанзива на север“, каде Израел се граничи со Либан и во последните недели се бори секој ден против ракетните напади на либанската милитантна група Хезболах.
– Силите на ИДФ од пешадиската бригада Голани денеска го опколија градот Газа, стигнаа до морето и држат позиции. Градот Газа е исто така опколен од југ, и всушност сега постои север на Појасот Газа и југ. Се уште постои коридорот по кој жителите од северот на енклавата и Газа можат да се движат кон југ, рече тој – пренесува „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека армијата во моментов изведува опсежни напади во Појасот Газа.
– Сега има обемни напади против терористичката инфраструктура, под земја и над земја – рече Хагари.
Претходно вчера, израелската армија соопшти дека напредувала длабоко во Појасот Газа од север и зазела позиции долж брегот. Се наведува дека за време на борбите биле погодени повеќе од 1.600 објекти на Хамас.
Началникот на Генералштабот Халеви рече дека армијата е подготвена „во секој момент да почне офанзива на север“, каде што е „поставена цел значително да се врати безбедносната ситуација на границите, не само кон Појасот Газа“. Халеви додаде дека израелската армија е подготвена во секој момент за офанзива на север, каде Израел се граничи со Либан.
– Сфаќаме дека тоа може да се случи и веруваме дека нашата одбрана е силна, додаде Халеви.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) утринава објавија дека копнените сили „презеле контрола над база на Хамас во Газа”.
Израелската војска наведе дека базата била опремена со набљудувачки позиции, објекти за обука на терористичките оперативци, како и терористички тунели“, пренесува „Би-би-си“.
Како што ИДФ додава, во операцијата „се елиминирани голем број терористи“.
ИДФ соопшти дека во текот на изминатиот ден израелските воени авиони гаѓале „околу 450 цели, вклучувајќи воени комплекси, набљудувачници и противтенковски пунктови“