Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина да постигне договор со Русија за завршување на војната, оценувајќи дека Москва има предност на бојното поле.
– Украина мора да сака да ја заврши оваа војна – изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба – пренесе Ројтерс.
Тој повторно изврши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати договор со Москва.
– Зеленски мора да сака да ја заврши оваа војна. Доколку не го сака тоа, мислам дека работите ќе завршат многу лошо – рече американскиот претседател.
Трамп оцени дека Русија има предност во војната, споредувајќи ја со „голема машина“ која продолжува да напредува.
– Русија е голема машина. Тие едноставно продолжуваат да напредуваат и тоа е она што го прават. Зазедоа многу голем дел од територијата – додаде тој.
Изјавите следуваа по вчерашната средба на специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, со Зеленски и со европски претставници во Осло. На разговорите учествуваа и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере и финскиот претседател Александар Стуб, а во фокусот беа предлозите за прекин на војната.
Виткоф денеска пристигна во Санкт Петербург, каде што треба да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. По посетата на Русија, предвидено е тој да се врати во Осло за дополнителни консултации, објави Асошиејтед прес.
































