Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги поздрави активностите на ОКТА за ублажување на ценовните притисоци и поддршка на стабилноста на домашниот пазар на горива.
Од 20 октомври до 2 ноември, ОКТА ја продолжува иницијативата за попуст од два денари по литар дизел-гориво, со цел да се обезбеди дополнителна поддршка во услови на нестабилност на светските енергетски пазари.
-Ваквите иницијативи се значајни за домашната економија, стопанството и граѓаните, особено во период кога стабилноста на цените на енергенсите има директно влијание врз трошоците на компаниите и животниот стандард – се наведува во соопштението на Министерството.
Според најавите, вкупната поддршка што ОКТА ја обезбедува за домашниот пазар од март годинава се очекува да достигне околу осум милиони евра.
Од Министерството посочуваат дека и понатаму ќе работат на обезбедување сигурно снабдување со енергенси, стабилност на пазарот на горива и координација со релевантните чинители. Целта, како што наведуваат, е да се ублажат ценовните притисоци и да се заштити животниот стандард на граѓаните.
































