Претседателот на Здружението на земјоделците на Бугарија, Венцислав Варбанов, ѝ префрли на владата дека само додава непотребен товар наместо да бара начини да им ги намали постојните давачки. Тој побара и да се донесе долгорочна земјоделска стратегија во земјата

Стотици гневни фармери излегоа на улиците во Софија да укажат на она што го сметаат за целосен неуспех на владата да се справи со сè поголемиот број предизвици со кои се соочува земјоделскиот сектор во таа земја на Европската Унија. Демонстрантите го повикаа министерот за земјоделство Кирил Ватев да поднесе оставка бидејќи не го одржал ветувањето дека ќе го олесни бирократскиот товар на грбот на земјоделците и дека ќе бара државна компензација за нивните високи трошоци и намалени приходи.
Претседателот на Здружението на земјоделски производители на Бугарија, Венцислав Варбанов, ѝ префрли на владата дека само додава непотребен товар наместо да бара некакво олеснување за земјоделците, да им ги намали постојните давачки. Тој аргументирано образложи и побара и да се донесе долгорочна земјоделска стратегија на земјата.
– Нашите интереси не беа заштитени дури и откако бевме преплавени со украински стоки – рече Варбанов, мислејќи на поевтините производи што се извезуваат од Украина.
Тој храбро и отворено побара во име на здружението долгорочна политика од страна на владата: „Сакаме да знаеме што ќе се случи утре, во следната година, во следните пет години“. Варбанов е една исклучително маркантна и ценета личност и во политичките кругови, а бил и министер за земјоделство во бугарската влада. Тој се смета за објективен политичар и лидер, необременет со дневнопартиски политики, кој одлично ги познава земјоделците и аграрот во Бугарија и има одлична визија за долгорочна земјоделска стратегија.
Бугарските фармери се бунат поради истото она што ги мачи нивните колеги низ Европа, а тоа се доминацијата на регулативите на ЕУ и тешкотиите што произлегуваат од значително зголемените трошоци за набавка на ѓубрива и енергенти поради војната во Украина, како и зголемениот увоз на евтини земјоделски производи од неевропски извори, пред сè од Украина, кои ги преплавија локалните пазари и ги урнаа цените.
Во меѓувреме Здружението на земјоделците ја најави можноста неговите членови да се придружат на протестите со блокада на главните патишта со трактори.