Голем пожар избувна во воден парк во западниот шведски град Гетеборг, а изгореа тобоган и слични објекти што беа во изградба, соопштија очевидци и спасувачките служби.
Засега нема информации за повредени, а полицијата, поради густиот чад над тој дел од градот, ги советува граѓаните што живеат во тој реон да останат во своите домови и да ги држат затворени прозорците за да не навлезе чадот во нивните куќи, пренесе „Ројтерс“.
Евакуирани се гостите од блискиот хотел и деловните простории.
– Пожарот избувна на еден од тобоганите надвор од зградата, а потоа се прошири на целата зграда – се наведува во соопштението на паркот „Лизеберг“.
„Ројтерс“ јавува дека пламенот го зафатил тобоганот, а неколку противпожарни возила се обидуваат да го изгаснат пожарот. Во моментот на пожарот немало гости во водниот парк, кој требало да биде отворен оваа година и е додаток на забавниот парк во Гетеборг.