Фото/Илустрација: Пиксабеј

Кризата, пред сè, беше предизвикана од наглиот раст на каматните стапки на ЕЦБ, но и од растот на трошоците за градежните работи, како и послабиот интерес за изградба на канцелариски простор и малопродажни објекти по пандемијата. Војната во Украина дополнително ги обесхрабри инвеститорите во недвижности

Крај на ерата на евтини пари и на ниски камати

Германскиот сектор на недвижности цела деценија профитираше од ерата на евтините пари што го поттикнуваа градењето, но сега се соочува со криза поради растот на каматните стапки на Европската централна банка(ЕЦБ).
Како што наведува агенцијата „Ројтерс“ во една своја анализа, новоградбата во Германија во првите шест месеци оваа година паднала за 47 отсто во однос на просекот од изминатите две години, а бројот на издадени нови градежни дозволи во првите пет месеци паднал за 27 отсто.
Најголемата германска агенција за недвижнини „Воновиа“ забележа загуби од повеќе од милијарда евра, а бројот на нови работни места за градежните работници стагнира.
Цените на становите во Германија во првиот квартал оваа година паднаа за рекордни 6,8 отсто во однос на истиот период лани, а септемвриските податоци ќе покажат дали станува збор за долгорочен тренд.

Кризата ќе потрае уште некое време

Шефот на германската консултантска компанија „Булвингеза“, Свен Карстенсен, нема никакви сомнежи дека „сегашната криза во секторот на недвижности ќе потрае уште извесно време“.
Кризата, пред сè, беше предизвикана од наглиот раст на каматните стапки на ЕЦБ, но и од растот на трошоците за градежните работи, како и послабиот интерес за изградба на канцелариски простор и малопродажни објекти по пандемијата.
Војната во Украина дополнително ги обесхрабри инвеститорите во недвижности.
– За инвеститорите од Средниот Исток, Германија е премногу блиску до Украина и тие многу повеќе парите ги инвестираат во САД и во Азија – вели Флоријан Швалм, консултант на компанијата „Ернст и Јанг“.
Целта на Германија е да изгради 400 илјади стана годишно, но засега остварувањето на ваквата цел е недостижна.
Германските политичари, претставници на министерствата и на индустријата за недвижности треба да одржат состанок на 25 септември со канцеларот Олаф Шолц и да се обидат заеднички да изнајдат решение за оваа ситуација. С.Т.