Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го посвети на современото македонско поетско творештво. Изданието е насловено „Поезија од Македонија“ и „Версвил“ го објави во пресрет на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП), а по покана на меѓународната редакција на списанието, негов уредник и автор на уводната реч е Иван Антоновски.
Во овој тематски број на престижното списание посветен на современата македонска поезија, автор во фокусот е токму добитникот на Златниот венец на СВП за 2023 година, академик Влада Урошевиќ. Во истата рубрика во која според правилата на списанието се објавуваат исклучиво есеи што се однесуваат на поезијата е објавен текст и од универзитетскиот професор и поет Владимир Мартиновски, во кој се споредуваат песни од македонскиот поет Матеја Матевски и јапонскиот поет Кобајаши Иса. Со по две песни во препев на англиски јазик, во бројот се претставени современи македонски поети со активен опус, кои имаат значајни творечки резултати и во 21 век. Редакцијата на списанието има утврдени критериуми и за бројот на автори што можат да бидат застапени во одделните броеви, а забележливо е дека овој број посветен на современата македонска поезија е едно од најобемните изданија на „Версвил“ објавени досега, при што зад објавените преводи и препеви се и потписите на над 25 преведувачи.
Последниве години „Версвил“ важи за едно од најрепрезентативните поетски списанија на глобално ниво, со соработници од целиот свет. Излегува двапати годишно во електронска форма, на англиски јазик, со строги критериуми за објавените рецензирани содржини. Седиштето на списанието е во Индија, а уредници на одделните броеви по покана на меѓународната редакција предводена од афирмираниот индиски поет Сонет Мондал се истакнати универзитетски професори, книжевни критичари и поети од различни земји.
Присуството на македонските автори во списанието е засилено од 2011 година, кога за уредник-консултант е избран и македонскиот поет и книжевен критичар Јовица Тасевски–Етернијан и воспоставена е соработка со македонското списание за литература, уметност и култура „Стремеж“