Агент на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ICE) смртоносно застрела маж за време на акција во Бидефорд, сојузната држава Мејн, а случајот предизвика сомнежи дека жртвата можеби не била лицето кое властите го барале.
Според Министерството за внатрешна безбедност (DHS), инцидентот се случил во понеделник околу 7 часот по локално време, кога агентите на Служба за имиграција и царинска контрола спроведувале надзор на последната позната адреса на лице со конечна наредба за депортација, пренесе „Си-би-ес њуз“.
Од Министерството за внатрешна безбедност соопштија дека мажот, кој престојувал нелегално во САД, се обидел да избега со возилото, по што еден од агентите, „од загриженост за јавната безбедност“, употребил огнено оружје. Повредениот подоцна им подлегнал на повредите.
Иако институцијата не го објави неговиот идентитет, американските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до истрагата, објавија дека станува збор за Џоан Себастијан Гереро, државјанин на Колумбија.
Случајот доби дополнително внимание откако независниот сенатор од Мејн, Ангус Кинг, изјави дека според информациите што ги добил од Министерството за внатрешна безбедност, убиениот можеби не бил лицето кое било предмет на потрагата.
– Сè уште немаме докази дека агентот имал непосредна причина да стравува за својата или за безбедноста на другите. Потребна е целосно транспарентна и независна истрага – изјави Кинг.
Слични сомнежи изнесе и демократската конгресменка Чели Пингри, која рече дека добила информации оти можеби било пукано во погрешен човек, оценувајќи го инцидентот како „многу вознемирувачки“.
Според првичните информации, агентите кои учествувале во акцијата не носеле камери на телото, што дополнително ја усложнува истрагата.
Истрагата ја водат Канцеларијата на генералниот инспектор при Министерството за внатрешна безбедност, Федералното истражно биро (ФБИ) и Канцеларијата на државниот обвинител на Мејн. Од обвинителството соопштија дека агентот кој пукал е ставен на административно отсуство додека трае постапката.

































