Европската Унија во 2025 година била дом на 451 милион луѓе, што е за еден милион повеќе споредено со 2024 година. Шест проценти од популацијата во ЕУ била постара од 80 години, а медијанската возраст е зголемена од 39,6 во 2005 на 44,9 години во 2025.
Според последните проекции на Евростат, населението на ЕУ се очекува да се намали за 11,7 проценти до 2100 година, што значи 53 милиони луѓе помалку до стартот на следниот век. Според проекциите, населението на ЕУ се очекува да расте во следните три години достигнувајќи го пикот од 453,3 милиони во 2029 година, по што ќе почне постепено да се намалува до 398,8 милиони во 2100 година.
Во последните 20 години процентот на лица над 65 години во ЕУ е зголемен од 17 проценти во 2005 на 22 проценти во 2025 година.
Податоците на Евростат за Северна Македонија покажуваат дека во последните три години населението се намалило за 14.500 луѓе, од 1.837.114 во 2022 година, на 1.829.954 во 2023, 1.826.247 во 2024, и 1.822.612 во 2025 година.
Во ЕУ, околу 14 милиони луѓе или 3 проценти од популацијата живеат во различна држава од земјата во која се родени.
Две третини од населението во ЕУ живее во пет земји – Германија (84 милиони), Франција (69 милиони), Италија (59 милиони), Шпанија (49 милиони) и Полска (36 милиони).
Најмалку население имаат Малта со 574.000 луѓе или 0,1 проценти од вкупното население во ЕУ, Луксембург 682.000 и Кипар 983.000 жители.
Во последните 20 години вкупната популација на ЕУ е зголемена за 4 проценти од 435 милиони во 2005 на 451 милион во 2025 година. Вкупно 19 земји имаат зголемување на популацијата, додека 8 бележат пад. Релативно најголемо зголемување на населението има Луксембург (48 проценти), потоа следува Малта (43 проценти) и Ирска (32 проценти), додека најголем релативен пад на населението имаат Латвија (-17 проценти), Бугарија (-16 проценти), Литванија (-14 проценти), Романија (-11 проценти) и Хрватска (-10 проценти).
Во апсолутни бројки најголем раст на населението имаат Франција и Шпанија, двете со по шест милиони, додека најголем пад во апсолутни бројки имаат Романија и Полска, двете со по -2 милиони и Бугарија со пад од 1 милион жители.
Помеѓу 2025 и 2100 година, се очекува процентот на деца, млади луѓе и лица на работоспособна возраст во вкупното население на ЕУ да се намали. Се предвидува дека процентот на деца и млади луѓе (на возраст од 0-19 години) ќе се намали од 20 проценти на 17 проценти, додека процентот на лица на работоспособна возраст (на возраст од 20-64 години) ќе се намали од 58 проценти на 50 проценти до 2100 година. Спротивно на тоа, се предвидува дека процентот на постари возрасни групи (65 години и повеќе) ќе се зголеми. Се предвидува дека процентот на лицата на возраст од 65-79 години ќе се зголеми од 16 проценти во 2025 година на 17 проценти во 2100 година, додека процентот на лицата на возраст од 80 години и повеќе се очекува да се зголеми за 10 процентни поени, од 6 проценти на 16 проценти.

































