Фото: Официјална страница на турскиот претседател

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја потпиша ратификацијата на шведската кандидатура за членство во НАТО, која беше усвоена од парламентот, објави официјалниот весник на земјата.

Турскиот парламент го поддржа пристапувањето на Шведска на гласање во вторникот.

Унгарија сега е единствениот НАТО сојузник што не го ратификуваше приемот на Шведска, пренесе „Танјуг“, повикувајќи се на „АП“.

Турција го одложуваше одобрувањето на членството на Шведска повеќе од една година, обвинувајќи ја земјата дека е премногу попустлива кон организациите што Анкара ги смета за терористички.

Таа побара отстапки од Стокхолм, вклучително и потези за борба против тие групи.

Ердоган ја поврза ратификацијата на шведското членство во НАТО и со одобрувањето на САД, на барањето на Турција, за купување на 40 нови борбени авиони Ф-16 и комплети за модернизација на постојната турска флота.

Тој, исто така, ја повика Канада и другите сојузници на НАТО да го укинат ембаргото за оружје кон Турција.

Претставници на американската администрација рекоа дека очекуваат релативно брза акција за продажбата на Ф-16 по ратификацијата.