Слики од Скандинавија

Вообичаената слика за Шведска како земја со висок стандард на граѓаните, со одличен рејтинг на компаниите што го билдаат БДП на земјата, деновиве малку е напукната, откако беа објавени официјалните податоци на кредитната референтна агенција УЦ.
Според она што го обелодени агенцијата, а стана главна тема на овдешните медиуми, но и на дел од светските гласила што се специјализирани за економски прашања, бројот на банкроти во Шведска се зголемил во јануари на највисоко ниво во последната деценија. Главна причина за тоа, според упатените, е зголемениот притисок врз градежните компании предизвикан од тековната криза на пазарот на недвижности.
Според податоците на кредитната референтна агенција, бројот на стечајни пријави се искачи на 622, што претставува зголемување од 47 отсто во однос на претходната година.
Она што беше познато и претходно, само ја дополнува сликата за причините и последиците. Имено, Шведска се бори со најлошиот пад на цените на куќите во последните три децении. Ситуацијата придонесе за зголемување на неплаќањата во градежниот сектор, при што 130 градежни компании поднесоа барање за стечај минатиот месец.
Цените на домовите, наводно, паднале за 16 отсто од својот врв во првиот квартал од минатата година, а економистите предвидуваат дека падот ќе продолжи.
– Во текот на есента видовме банкротства во бизнисите со кои се соочуваат потрошувачите, како што се малопродажбата, хотелите и рестораните. Сега гледаме дека најголем пораст се случува во секторите што се тесно поврзани со индустријата и долгорочните инвестиции – вели економистката Јохана Блом.
Остриот пад на шведскиот сектор на недвижности ја оштети најголемата економија во нордискиот регион. Според процените на шведскиот национален одбор за домување, изградбата на нови домови драстично ќе се намали за 44 отсто оваа година, на 33.000. Во меѓувреме, падот на градежништвото може дополнително да влијае на економската активност, се предупредува во извештајот.

Ацо Каланоски,Специјално за „Нова Македонија“ од Шведска