Корупцискиот октопод од Европскиот парламент ги зарази сите европски институции: За 26 еврокомесари започна истрага за коруптивно-криминални поведенија

Една од најголемите афери во Брисел добива продолжение. Имено, по откриената висока корупција во Европскиот парламент (ЕП), станува сѐ поочигледно дека коруптивната зараза е силно пренослива, при што постојат индикатори дека заразата е проширена и во другите европски институции, како што е Европската комисија (ЕК), односно Владата на ЕУ. Имено, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, поведе итна истрага за врските на нејзините дури 26 комесари со поранешниот шеф на ЕУ за миграција Димитрис Аврамопулос.
Во тој контекст, унгарскиот премиер Виктор Орбан јавно употреби силна метафора, при што порача дека е „време да се исцеди мочуриштето“ во ЕУ, парафразирајќи го поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Корупциска афера од колосални размери се надоврзува на скандалот „Катаргејт“ во ЕУ

Грчката пратеничка во Европскиот парламент и главна осомничена во корупцискиот скандал Ева Каили е во центарот на интензивната истрага во врска со основано сомнение за корупција, поврзано со влијание од арапските земји директно, во срцето на ЕУ, односно во Европскиот парламент, преку европратениците. Корупцискиот скандал го потресе Европскиот парламент и предизвика длабока ревизија во Брисел. За потсетување, по долго следење на нејзините активности и на другите осомничени, европратеничката Ева Каили е приведена откако при претресите биле запленети вкупно 600.000 евра готовина и мобилни телефони. Медиумите пишуваат дека инспекторите пронашле ќеси полни со пари во станот на обвинетата, па затоа, покрај обвинувањата за корупција, се истражува и сомнеж за перење пари.
Кои се другите вклучени во коруптивните дејства на Каили? Приведен е и поранешниот европратеник од Италија Пјер Антонио Панцери, како и италијанскиот партнер на Каили – Франческо Џорџи, со кого живее и кој веќе ја признал вината. Двајцата се во истражен затвор. Тука инаку влегува и белгискиот социјалдемократ Марк Тарабела, чиј стан исто така бил претресуван. Во истрагата сега влегува и лобистот Николо Фига-Тараманка.

И еврокомесарите под истрага заради „Катаргејт“

Скандалот, во кој европратеничката Ева Каили беше обвинета и лишена од нејзината улога како потпретседателка на Европскиот парламент, го потресе естаблишментот на ЕУ и страшно го наруши кредибилитетот на Унијата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, поведе итна истрага за врските на нејзините дури 26 комесари со поранешниот шеф на ЕУ за миграција Димитрис Аврамопулос, кој исто така е опфатен во основите на сомневања за корупција околу влијанието на Катар во Брисел. Комисијата, исто така, бара од самиот Аврамопулос да објасни како ги почитувал правилата за „лобирање“.
Аврамопулос, поранешен комесар за миграција на ЕУ, беше почесен член на одборот на невладината организација „Борба против неказнивоста“, која беше основана од поранешниот европратеник Пјер Антонио, кој моментално се наоѓа во затвор под прелиминарни обвиненија за корупција и перење пари. Аврамопулос призна дека добил исплата од 60.000 евра од невладината организација и оттогаш се откажа од својата улога во почесниот одбор на невладината организација.
Во мејловите испратени во средата до „контактните точки за транспарентност и етика“ во секој од кабинетите на еврокомесарите, официјален претставник на ЕУ праша дали членовите на Колеџот на комесари или персоналот на кабинетот имале интеракција со Аврамопулос или со „Борба против неказнивоста“ минатата година. Аврамопулос за медиумите изјави дека допрва треба да го добие писмото од Комисијата.

Орбан бара распуштање на Европскиот парламент!

Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека треба „да се исуши мочуриштето“ во Европската Унија, нешто што може да доведе до распуштање на законодавниот дом на Унијата, најмногу поради актуелниот корупциски скандал.
На годишната меѓународна прес-конференција завчера во Будимпешта тој изјави дека кредибилитетот на таа институција е доведен во прашање и дека го поддржува укинувањето на тоа тело како што е моментално.
– Не може да биде помал степенот до кој е нарушен угледот на Европскиот парламент во Унгарија со последниот скандал. Унгарците би сакале Европскиот парламент да се распушти во сегашната форма – рече Орбан.
Орбан го критикуваше Европскиот парламент за неодамнешните откритија за корупциски скандал со пари за услуги во кој наводно е вклучен Катар и позајми фраза од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, велејќи дека е време да се „исцеди мочуриштето“ во Брисел.

Подготвил: Mарјан Велевски