Фото: Архива/Принтскрин

Неколку силни експлозии одекнаа утрово во Киев, околу 10.30 часот по локално време, за што јавија украински и странски медиуми.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се слушаат сирени и експлозии додека деца од училиште трчаат кон засолниште.

Експлозиите се случиле во моментот кога се слушнале сирени кои предупредуваат за опасност од воздух, а по нив бил забележан чад на источниот брег на реката Дњепар во Киев.

Кусо потоа воената администрација на Киев соопшти дека остатоци од руска ракета паднале врз областа Печерск во градот, оштетувајќи една станбена зграда.

Во украинското пристаниште Одеса прекинато е снабдувањето со електрична енергија откако руски воздушен напад оштети високонапонски постројка за електрична енергија, соопшти денеска најголемиот украински снабдувач со енергија ДТЕК.

– Ситуацијата е се уште тешка. За да се намали оптоварувањето на мрежата, денеска во градот нема да работи електричен транспорт, а ограничена е и индустриската потрошувачка – објавено е на каналот на Телеграм на ДТЕК, пренесува Укринформ.

ДТЕК додава дека прави се за што поскоро да се врати снабдувањето со енергија на домаќинствата и ги повикува жителите економично да трошат струја.

Соопштено е дека до утринава е вратена струјата во два градски квартови.

Руските сили синоќа ја нападнаа Одеса со неколку групи нападни дронови од Црното Море, чија цел беше енергетската инфраструктура. Остатоците од дрон предизвикале пожар во електрана, кој веднаш бил изгаснат, соопштија градските власти.

Во Николаев 11 лица се повредени од паднати делови од соборен руски дрон од типот Шахед, соопшти регионалната управа на Фејсбук. Како што се наведува, делови од соборениот дрон предизвикале пожар на станбена зграда и два автомобили, а оштетени се и приватни куќи во близина.