Велика Британија ќе испрати стотици нови дронови за напад со голем дострел од над 200 километри во Украина, соопшти владата денеска откако украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Обединетото Кралство на разговори со британскиот премиер Риши Сунак.
– Денеска премиерот ќе го потврди натамошното обезбедување од Обединетото Кралство со стотици ракети за противвоздушна одбрана како и стотици нови дронови за напад со дострел од над 200 километри. Сите тие ќе бидат испорачани во текот на следните месеци додека Украина се подготвува да го засили својот отпор кон тековната руска инвазија – се вели во соопштението на владата.
Сунак објави фотографија на својот твитер-профил на која тој е во прегратка со Зеленски.
– Добредојдовте назад – гласи твитот на Риши Сунак, кого Зеленски денеска го посети на неговиот имот, недалеку од Лондон.
Зеленски му се заблагодари на британскиот премиер за сета поддршка што Обединетото Кралство ѝ ја пружи на Украина од почетокот на војната.
– Вашата поддршка ни значи многу, направивте многу. Вие, вашата влада, неговото височество кралот и секако вашиот народ, вашето општество. Ние сме благодарни од се срце. Ја пренесувам благодарноста на сите Украинци, пред се нашите војници – му рече Зеленски на Сунак.