Денеска е уште еден ден Д за американската авијација, армија и за Соединетите Американски Држави воопшто. Тому денеска, во јавноста ќе биде претставен авионот изработен во новата генерација на стелт-технологија, за која е познато во јавноста дека се употребува за воени летала за да се избегне радарско откривање. Овој нов модел на авион ќе може да носи нуклеарни или конвенционални бомби и да лета и со пилот, но и без него

Новиот американски стелт-бомбардер „б-21“ го здогледува светлото на денот

Претседателот на секторот за аеронаутички системи во „Нортроп груман“, Том Џонс, надгледуваше еден од најважните, најочекувани и исклучително тајни проекти на американската војска, а тоа е невидливиот бомбардер „б-21 рајдер“. Во хангар во пустината во Калифорнија, Џонс и уште 8.000 други стручњаци, распослани низ 40 сојузни држави, кои тајно го граделе новиот стелт-бомбардер на воздухопловните сили, конечно ќе можат да им покажат на своите семејства и на пријателите на што работеле во минатите седум години, најавуваат американските медиуми специјализирани за одбраната и безбедноста.
Невидливиот бомбардер „б-21“ се разликува од другите тајни воени програми по тоа што неговото постоење е отворено признаено. Со текот на годините, највисоките функционери на американските воздухопловни сили споделуваа многу малку информации за авионот. Но, освен некои концептуални слики, релативно малку се знаеше за него.
И додека првиот авион ќе биде прикажан денеска пред јавноста, повеќе детали не треба да се очекуваат. Воздухопловните сили задржаа голем дел од техничките карактеристики во тајност, така што Кина, Русија и другите не можеа да го копираат дизајнот на „б-21“ или да најдат начини да го соборат. Авионот е дизајниран со нова генерација на стелт-технологија за да се избегне радарско откривање. Исто така, овој модел на авион ќе може да носи нуклеарни или конвенционални бомби и да лета со или без пилот.
Но освен овие основни информации, сè друго е главно мистерија. Директорите на „Нортроп груман“ рекоа дека класифицираниот статус на проектот ги спречил да ја опишат производната линија „б-21“ во Палмдејл, Калифорнија, каде што ќе се одржи претставувањето.
Авионот што ќе биде претставен денеска првпат треба да полета следната година, а уште пет авиони се во различни фази на монтажа. Претставници на воздухопловните сили велат дека службата планира да купи најмалку 100 бомбардери. Буџетското барање на Пентагон за 2023 година покажува дека воздухопловните сили планираат да потрошат 19,1 милијарди долари за авиони „б-21“ во периодот од фискалната 2023 до 2027 година, но воздухопловните сили не открија колку авиони ќе купат со тие пари, како што пренесуваат американските медиуми.
Директорите на „Нортроп груман“ го опишаа бомбардерот како првиот американски воен авион од шестата генерација, кој ја надминува технологијата на својот најнов борбен авион „Ф-35“, за кој компанијата го конструира централниот труп.

Подготвил: Mарјан Велевски