Ружа Игнатова многу сакаше да се фотографира кога бизнисот и цветаше, но експертите велат дека денес физичкиот изглед и е сменет до тој степен што е непрепознатлива за властите

„Уанкоин“ останува еден од најголемите случаи на грабеж во криптосветот. Жената што заработи богатство благодарение на измами и ден-денес останува енигма за властите. Како што одминуваат годините, станува сѐ појасно дека Ружа Игнатова тешко дека ќе биде пронајдена од страна на властите. Едно ново истражување од страна на „Трејдинг педиа“ укажува на можна промена на идентитетот на познатата и недостижна криптокралица. Брајан Мекол, аналитичар во „Трејдинг педиа“ што го водел истражувањето, вели дека ова може да објасни зошто на властите им е толку тешко да ја најдат

НОВИ ТЕОРИИ ЗА ТОА КАДЕ СЕ КРИЕ ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА НА ЛИСТАТА НА НАЈБАРАНИТЕ БЕГАЛЦИ НА ФБИ

Ружа Игнатова е единствената жена на листата на десет најбарани бегалци на ФБИ. Таа буквално исчезна овој период од годината во 2017 година. Таа, како што во неколку наврати пишувавме, се бара за нејзината улога во измамата со криптовалутите „уанкоин“, што беше нејзина идеја. Според сите досега достапни информации, Игнатова измамила луѓе во висина од четири милијарди долари. Шемата наречена и Понзиева шема користеше мрежен маркетинг и провизии за да се стекне со популарност.

И СО ПОМОШ НА ТЕХНОЛОГИЈА ТЕШКО ДЕКА ЌЕ БИДЕ ПРОНАЈДЕНА?

Но колку што расте митот за недостапноста на „криптокралицата“, уште повеќе се множат теориите за тоа каде би можела да се крие денес далеку од раката на законот. Една од најхрабрите, а со тоа и најневеројатните верзии за тоа е дека Ружа Игнатова, денес, можеби живее среќно и спокојно уживајќи во парите што ги заработи на измамничката шема „Уанкоин“, со помош на промена на полот. Според познавачите, таа можеби го променила физичкиот изглед до тој степен за да биле непрепознатлива за властите и за да избегне да биде уапсена и ставена зад решетки.
Факт е дека процедурата за промената на полот и личниот опис никогаш не била поедноставна од денес. Со голем број оперативни зафати, со примање хормонски терапии и, секако, пред сѐ, со паричните средства што би го овозможиле сето тоа, криминалците наоѓаат начин како да избегаат од законот.
Како што одминуваат годините, станува сѐ појасно дека Игнатова тешко дека ќе биде пронајдена од страна на властите, а многумина веруваат дека токму и таа се решила да се подложи на медицински третмани за да ги затскрие трагите зад себе. Едно ново истражување што се занимава со оваа проблематика од страна на „Трејдинг педиа“, веб-страница фокусирана на главните сегменти на финансиските пазари, укажува на можна промена на идентитетот на познатата и недостижна криптокралица.
Брајан Мекол, аналитичар во „Трејдинг педиа“ што го водел истражувањето, вели дека ако се потврди нивната претпоставка што се базира на повеќе валидни информации, таквото сознание ќе може да објасни зошто на властите им е толку тешко да ја најдат. Имено, фактот дека таа е барана од ФБИ и од Европол сугерира дека агенциите веруваат дека таа е жива и токму затоа претпоставката дека таа е мртва отпаѓа од игра. Затоа и нивната истрага се водела од фактот дека таа е жива и дека некаде на мир ги троши заработените пари.
Тие, во рамките на истражувањето, наместо да изготват стандарден фоторобот, ангажирале уметници специјализирани за изработка на портрети на криминалци. Уметниците изработиле неколку различни скици преку кои би требало да се долови фактот како познатата криптокралица би можела да изгледа денес.
– Побаравме од нив да додадат пет години стареење и исто така да ги испитаат опциите за нејзино зголемување или губење на тежината, да помине низ процедури за естетска хирургија, па дури и да оди до крајност да го смени полот – додаде Мекол.

КОЈ УЖИВА ВО БЛАГОДАТИТЕ НА УКРАДЕНОТО БОГАТСТВО

Покрај теоријата на „Трејдинг педиа“, деновиве се појави уште една, дека Ружа Игнатова се крие во луксузна палата и ужива во богатството во Дубаи. Ова беше објавено на Би-би-си, британски ТВ-канал што со години ги истражува работењето и измамничката шема на Игнатова. Според медиумот, таа била забележана и во Југоисточна Азија, конкретно во Тајланд.
Документите до кои дојде Би-би-си укажуваат дека Игнатова претходно остварила блиска соработка со шеикот Фајсал бин Султан ал Касими од Обединетите Арапски Емирати за ослободување на средствата што биле замрзнати поради сомневање за перење пари. Наводно, според истите документи, таа купила вила вредна 20 милиони долари во Катар, каде што можеби се крие веќе половина деценија.
Би-би-си, исто така, откри дека таа склучила мегамилионски договор со уште еден шеик од Емиратите, Сауд бин Фајсал ал Касими, кој е познат како обожавател на криптовалути. Во 2015 година, тој, наводно, ѝ продал 230.000 биткоини во вредност од повеќе од 48 милиони долари на Игнатова.
Некои медиуми што подолго време ја следат нејзината „кариера“ сугерираат дека Игнатова користи разузнавачки информации од бугарски извори во сферата на безбедноста. Овие медиуми шпекулираат дека токму овие информации ѝ се драгоцени и можеби тоа е причината поради која таа била за чекор понапред од прогонителите во изминатите пет години.
„Уанкоин“ останува еден од најголемите случаи на грабеж во криптосветот. Жената што заработи богатство благодарение на измами и ден-денес останува енигма за властите.

[email protected]