Во воен напад врз камп за раселени лица во северниот дел на Мјанмар загинаа 29 лица, а десетици беа ранети, изјави денес портпаролот на етничката бунтовничка група која ја контролира областа.
Мјанмарската хунта е обвинета дека извршила повеќе крвави напади врз цивилни цели додека се бори да го задуши отпорот по државниот удар во 2021 година, пренесува Фена.
Последниот напад се случил околу 23.30 часот во понеделникот, изјави за „AФП“ полковникот Нау Бу од Независната армија Качин (КИА).
– Пронајдовме 29 тела, меѓу кои има деца и стари лица, 56 лица се ранети – рече тој, додавајќи дека истражуваат каков удар го погодил кампот.
– Не слушнавме никаков авион – истакна тој, велејќи дека тие истражуваат дали војската користела беспилотно летало за да гаѓа камп во близина на градот Лаиз, на границата со Кина.
Фотографиите на локалните медиуми кои наводно ги прикажуваат последиците од нападот покажуваат како спасувачите со факел извлекуваат тела од дрвените урнатини.