Фото: Манифестација „Детски гласови“-Ресен

Традицијата продолжува

На 30 септември, на убавиот празник во чест на светите маченички Вера, Нада и Љубов и мајка им Софија, во Ресен се одржа четвртото издание на веќе традиционалната литературна манифестација „Детски гласови“, која ја организира здружението „ЖАР-Преспа“, а во рамките на „Преспанскиот јаболкобер“.
На манифестацијата настапија педесетина ученици од Македонска Каменица, Пехчево, Свети Николе, Скопје, Гостивар, Ростуше, Жировница, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп и секако домаќините од Ресен и Преспа.
– Се собравме во преубавиот манастир „Св. Наум“ во с. Болно и по традиција ја одржавме цветната штафета на мирот од почитуваниот господин Живко Поповски-Цветин, на која децата се запознаа и пуштија балони со моќни пораки за мир во светот – ни рече претседателката на фестивалот Даринка Веслиевска.

Настанот продолжи во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен. Организаторката и уредничка на збирката м-р Даринка Веслиевска на отворањето топло ги поздрави присутните. Свој поздрав упати лекторот на збирката „Детски гласови 2023“, кој е професор по македонски јазик – Влатко Стојковски од Битола. Рецензија на збирката напиша поетесата Сара Марковска од Ресен, членови на стручното жири беа: Билјана Бузлевски, Маријана Митревска и Лепа Гештаковска Христовска од Ресен, професионални во својата работа, кои достојно и чесно ги прогласија наградените учесници.
Водители на настанот беа младите Александра Фузевска и Борјан Веслиевски, кои професионално ја водеа програмата. Програмата беше збогатена со следните музички изведувачи: Јована Ристановска со своите песни од фестивалот „Си-До“; Симона Ангеловска и Благојче Тодоровски, кој промотивно ја испеа својата прва песна „Заљубен и збунет“. Со свои танцови точки настапија членовите од ТСК Спортакус од Битола: Стефанија Веслиевска и Ема Кадинска.
Еве ги и имињата на најдобрите учесници.

Од категоријата автори од 8 до 12 години, според резултатите на стручното жири, првото место го освои Лина Маркоска, 12 години, од Охрид, со својата песна „Еколошко ветување“; менторка: Фила Вероска Стојкоска.
Од категоријата автори од 13 до 18 години, според резултатите на стручното жири, првонаградена е Сара Петкоска, 17 години, од Охрид, со песната „Татковината во срцата, во душите и мислите“; ментор: м-р Перчо Божиновски.
Наградата за млад талент ја доби Кјара Лазаревска, 18 години, од Охрид, со песната „Овената роза“; ментор: м-р Перчо Божиновски.
Гран при за најубаво изрецитирана поетска творба доби Михаил Цековски, 11 години, од Пехчево, за интерпретацијата на песната „Градина“; менторка: Габриела Костадинова.

Ф.Д.