Бродови натоварени со арктичка сурова нафта првично наменети за Европа, по стапувањето во сила на санкциите на ЕУ за увозот, се пренасочени кон Кина

КИНА ГО УДВОЈУВА УВОЗОТ НА РУСКА НАФТА

Кина, која го удвои својот увоз, купува сè повеќе разновидна руска сурова нафта, вклучувајќи ја и помалку познатата класа „арко“. Кинеските купувачи нарачале три товари арктичка сурова нафта, вклучувајќи ја сортата „арко“, со висока содржина сулфур и густина, која треба да пристигне во земјата овој месец или во февруари. Ова го покажуваат информациите на „Вортекс“, компанија што обезбедува податоци за протокот на сурова нафта и нафтени деривати. „Блумберг“ наведува, цитирајќи трговци, дека ова може да ја потисне нафтата од Блискиот Исток, како што е ирачката сорта „бараш хеви“.
Друга фирма за податоци и аналитика, „Кплер“, рече дека последната рунда кинески купувања вклучувала „варадеј“ и полесна сорта позната како „њу порт“.
Блиските односи меѓу Пекинг и Москва доведоа до зголемување на увозот на руска нафта во Кина. Според „Кплер“, невообичаените набавки на арктичка нафта доаѓаат откако кинескиот дневен увоз на сурова нафта и деривати го достигна вториот највисок рекорд во историјата минатиот месец Оттаму додаваат дека независните рафинерии се обидуваат да ги искористат предностите од увозните квоти, додека земјата полека се отвора и производството се загрева.
– Дефинитивно, во тек е пренасочувањето на арктичките пратки. Руската арктичка нафта одеше во Европа, но по стапувањето во сила на санкциите на ЕУ за увозот, Москва најде други купувачи, главно во Индија и Кина – изјави Виктор Катона, водечки аналитичар за „Кплер“.
„Арко“ е извлечен од полето Приразломнаје на Арктикот и е една од трите класи испорачани од Мурманск, заедно со „варадеј“ и „њу порт“. Шест брода што натоварија товар од Мурманск, минатиот месец се упатија кон Индија, покажаа податоците на „Блумберг“.
– Нафтата „варадеј“ е популарна меѓу индиските корисници и додека оваа класа им е релативно добропозната на азиските клиенти, „арко“ и „њу порт“ не им се толку многу. Поголемиот дел од нафтата „арко“ одеше во Велика Британија и Холандија, додека „њу порт“ беше фокусирана на холандските клиенти – наведува Катона.
Кина минатата недела издаде околу 112 милиони тони увозни квоти за рафинериите и трговците во својата конечна распределба за годината. Огромната квота, заедно со дарежливата концесија за извоз на гориво, може да ги поддржи набавките на сурова нафта во земјата, како и континуираната искористеност на рафинериите во наредните месеци.