Херсон / Фото: Принтскрин

Проруските власти во регионот под нивна контрола Херсон, во јужниот дел на Украина, денеска соопштија дека започнале со евакуација на цивили од главниот град, додека украинските сили напредуваат кон југ.

Организираното префрлање на жителите на другиот брег на реките Дњепар почна во Херсо, соопшти управата на градот Олешки, источно од Херсон, на Телеграм. Руската телевизија „Росија 24“ прикажа фотографии од лица како чекаат да бидат префрлени преку реката.

Властите во областа Херсон планираат привремено да преселат меѓу 50.000 и 60.000 лица од десниот брег на реката Дњепар на левиот или во други руски региони, изјави вршителот на должноста гувернер Владимир Салдо. Евакуацијата, што треба да се одвива со темпо од 10.000 луѓе дневно, треба да трае шест дена, појасни тој. Руски медиуми јавија дека евакуираните луѓе би можеле да заминат во Русија.

Според заменик-шефот на руската администрација во регионот, Кирил Стремоусов, во блиска иднина ќе почне битката за Херсон.

Лидерот на окупираната украинска област Херсон, назначен од Русија, денеска изјави дека властите им забрануваат на цивили да влезат во регионот во следните седум дена, поради ескалацијата на притисокот од украинската контраофанзива.

Рускиот генерал Сергеј Суровикин, кој ги предводи руските сили во Украина, синоќа за телевизијата „Росија 24“ изјави дека руската армија пред сè ќе обезбеди безбедна евакуација на населението од Херсон. Тој додаде дека градот, што Русија го окупираше од пролетта и го анектираше во септември, е цел на украински напади врз инфраструктурата, што може да го загрози населението.