Фото: Влада / Архива

Реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се далеку од завршени. Процесот за интеграција во ЕУ, што сега добива моментум по отворањето на преговорите и носи дополнителни барања што се поврзани со заштитата на човекови права и основни слободи, треба да се искористи ова со цел да се движат реформите, бидејќи на овој начин ќе се овозможи добро владеење и јавна доверба во институциите во овој многу чувствителен сектор, како и во други сектори. Дополнителни напори и волја се потребни од страна на Владата, Парламентот и политичките партии и другите чинители, не само поради процесот за преговарање со ЕУ, туку пред се заради интересите на граѓаните.

Ова го нагласи евроамбасадорот Дејвид Гир на годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Македонија (2021-2026) во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), што се одржува денеска во Скопје.

– Надзорот и контролата на безбедносните и разузнавачките служби и нивната реформа е комплексна работа, меѓутоа е многу важен процес. Парламентот претставуваше посветен партнер во овој процес. Ние очекуваме постоечкото законодавство за следење да биде променето, со цел комисиите за надзор во Парламентот да функционираат подобро и Советот за граѓански надзор да биде целосно функционален. Создавањето „заштитена соба“ треба да се случи без понатамошно одложување – истакна Гир.

Според него, безбедносните и разузнавачките служби укажале отвореност и волја да соработуваат со собраниската Комисија за надзор, како и граѓанското општество и ова, според него, е значаен чекор напред што бара поголема транспарентност и одговорност и со тоа ќе се зголеми јавната доверба во институциите.

– Министерството за внатрешни работи, исто така, е посветено кон реформите, меѓутоа треба да продолжи да го хармонизира своето законодавство со начелата и стандардите на ЕУ во однос на отчетноста, транспарентноста и безбедноста. Добар процес почна во Министерството за одбрана повторно со поддршка на оваа програма. Имено, Министерството работи за подобрување на родовата еднаквост во Министерството и Армијата. Се надеваме дека другите безбедносни институции во земјата ќе ја следат оваа практика, бидејќи родовата еднаквост е клучен меѓународен принцип и ЕУ е посветена на елиминирање на родовата нееднаквост, со цел да се подобри ефикасноста – нагласи Гир.

Во однос на правосудството, додаде Гир, ние сме охрабрени дека Академијата за судии и јавни обвинители обезбедува обуки за користење на посебни истражни мерки.

– Ефективноста на правосудната контрола и одговорноста на разузнавачките и безбедносните служби, зависи од независни актери коишто го вклучуваат граѓанското општество, медиумите и академската заедница. Овој неформален вид на надзор е од клучно значење во демократското општество. Како заклучок, реформата на безбедносниот и разузнавачкиот сектор треба да се одвива понатаму. Потребна е посветеност и работа од страна на политичкото лидерство и деругите чинители со постојаната поддршка од оваа програма, заклучи евроамбасадорот на Конференцијата во рамки на „Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Македонија (2021-2026)“.


Џафери: Гарантирањето безбедност на граѓаните и државата не смее да биде алиби за кршење на основните човекови права

Безбедноста на нашите граѓани, на државата и на светот во крајна инстанца е важна, најважна, особено во ова време на напредни технологии, софистицирани методи на разузнавање и ако сакате, современи начини на војување. Сепак, тоа во ниту еден момент не смее да биде алиби за нарушување на основните човекови права и демократското владеење и надзор, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на Годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Македонија (2021-2026), организирана од женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ).

– Потребни сме си едни на други, затоа што сега, како полноправна земја членка на НАТО, неопходно е да бидеме рамноправни и рамо до рамо со нашите партнери во НАТО сојузот. Во исто време, мораме да ги изградиме и нужните механизми за отчетност и напредок кон преговорите за членство во Европската Унија. Затоа сме во овој реформски процес за демократско управување со разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија, затоа што само реформирани институции кои имаат мандат да вршат надзор и контрола можат да придонесат значително во обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на граѓаните, пред се во државата и нејзините институции – рече Џафери.

Тој нагласи дека несомнено Собранието, како законодавен дом и заштитник на правата и слободите на граѓаните е местото, каде што тие неопходни процеси и заштитни механизми се ставаат во законска рамка, која е основата врз која се градат идните односи за безбедноста на граѓаните и државата.

Џафери напомена дека направени се законски измени во насока на реформскиот процес, кои се прилагодени на стандардите на Европската унија и НАТО, со кои се воведуваат одредени законски норми и стандарди за Собранието и впрочем за сите институции. Тој изрази и уверување дека со преземените мерки и активности согласно законските измени, ќе се обезбеди и зголемено ниво на отчетност од страна на сите чинители.

– Демократското владеење и надзор е обврска на сите сегменти од општество и на целиот државен апарат. Секој треба да го даде својот максимум во своето работење, пристапувајќи на секое нерешено прашање со искрена намера за изнаоѓање на одржливо решение кое нема да служи само на политичкиот фактор на власт, туку ќе биде општо прифатено и почитувано подеднакво од сите. За тоа да биде така, секако дека решението треба да се разгледува инклузивно, со учество на сите политички субјекти и крајното решение да биде консензуално постигнато решение во склад со европските норми. Ова секако ќе се наметне како обврска и со отворањето на преговорите со Европската унија и првиот преговарачки кластер, односно Фундаменти – рече Џафери.

Според него, многу значаен сегмент е и подигнувањето на свеста на јавноста за правата и обврските кои ги имаат како рамноправни граѓани, а исклучително значајно е и следењето на спроведувањето на донесените законски решенија, затоа што најдобриот тест за квалитет на секој закон е неговата имплементација на терен.

– Само тогаш се воочуваат празнините или недореченостите кои се несоодветно решени. Битна е целосната имплементација на легислативата. За Собранието е исклучително важен Законот за следење на комуникации, особено делот на парламентарниот надзор, техничките експерти и Советот за граѓански надзор кој што се уште не е активен токму поради недореченост на законското решение – истакна спикерот Џафери.

Џафери информира дека како резултат на стратешкото партнерство со ДЦАФ, Собранието има потпишано Меморандум за разбирање за спроведување на Проектот „Развивање на парламентарен и независен надзор“, како дел од пошироката „Програма за реформи во разузнавачкиот сектор во Македонија“.