Фото: ЕПА

НА СВЕТСКИТЕ НАФТЕНИ ВЕРЗИ

Минатата недела беше забележан нов раст на цените на нафтата на светските берзи, што е веќе трета недела по ред како се бележи поскапување. Со тоа нафтата достигна ново највисоко ниво во повеќе од 10 месеци, како резултат на одлуката најголемите светски производители да го задржат намаленото производство на „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 3,6 отсто, на 93,93 долари, што е ново највисоко ниво од ноември минатата година. На американскиот пазар, пак, цената на барелот се зголеми за 3,7 отсто, на 90,77 долари, исто така ново највисоко ниво во последните 10 месеци.
Порастот на цените трета недела по ред е резултат на одлуките на Саудиска Арабија и Русија за намалување на производството. Овие водечки извозници ќе ги намалат испораките до крајот на оваа година за вкупно 1,3 милион барели дневно.
Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници веќе го одложија рокот за договор за намалување на понудата до крајот на следната година. Со намалување на производството, овие земји се обидуваат да одржат зголемени цени на нафтата, имајќи предвид дека побарувачката слабее поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Цените минатата недела беа поддржани од новите макроекономски показатели од Кина, најголемиот увозник на нафта во светот. Во август индустриското производство и продажбата на мало пораснаа повеќе од очекуваното, поттикнувајќи ги надежите дека закрепнувањето на втората по големина светска економија, а со тоа се забрзува и побарувачката за нафта.
На цената на нафтата позитивно влијаеја и шпекулациите дека американската централна банка повеќе нема да ги зголемува каматните стапки и дека тамошната економија ќе избегне рецесија.