Фото: Архива

Резултатите од една студија покажуваат елементи што доколку ги имаме предвид, нема потреба да се плашиме кога ќе се вклучи предупредувањето за тоа дека горивото на нашето возило е при крај. Имено, производителите на моторни возила генерално го почитуваат правилото од 10 отсто што е предвидено како дел од резервоарот што производителите го одредуваат како резерва. Тоа количество од резервно гориво речиси во сите случаи е повеќе од доволно за да отидете на најблиската бензинска пумпа

МНОГУМИНА ВОЗАТ НА РЕЗЕРВА, НО ДАЛИ Е БЕЗБЕДНО

Цените на горивата продолжуваат да растат и станува сѐ повообичаено возачите да го празнат резервоарот сѐ додека не светне светлото дека истото тоа е при крај, односно на резерва. Црвеното предупредувачко светло што се наоѓа на таблата со инструменти предупредува дека во возилото наскоро ќе снема гориво и дека ќе треба што поскоро да отидете на бензинска пумпа за да наполните. Покрај визуелното предупредување, сега патничките моторни возила имаат и звучен сигнал, со што ги алармираат возачите за недостигот од гориво. Поради овој факт, возачите што управуваат со моторното возило знаат да се најдат и „во стрес“, особено ако се на отворен пат, на помалку позната дестинација и ако се во странство и во неможност да се вклучат на интернет и да побараат решение за таквата ситуација.

СВЕТИЛКА ШТО СОЗДАВА АНКСИОЗНОСТ

Растојанието што еден автомобил може да го помине доколку се вози на резерва, пред да запре моторот поради недостиг од гориво, вообичаено се толкува различно и индивидуално и според тоа се постапува од страна на возачите.
Сепак, возачите не би требало да се потпираат на предупредувачкото светло, бидејќи освен што е можно системот за предупредување да не е прецизно точен, однесувањето на возилото кога го возите на резерва е многу променливо, во зависност од видот на механиката, неговата потрошувачка и самиот модел на автомобилот.
Останувањето во резерва додека патувате на пат има тенденција да произведе состојба на анксиозност, што е контрапродуктивно за одржување безбедно возење. Понатаму, заглавување на пат поради недостиг од гориво е ситуација што може да се казни со парична казна, особено во Германија.
Иако ова е ситуација што е препорачливо да се избегнува, возењето на резерва е нешто што може да се случи секогаш поради лоша предвидливост или некои други околности, како што е наоѓање бензинска пумпа, особено во вечерните часови, бидејќи не работат сите пумпи и во вечерните часови, а возачите не можат со сигурност да предвидат кога точно ќе светне резервата.

НА РЕЗЕРВА И ДО 120 КИЛОМЕТРИ

Во врска со овој проблем, британската веб-страница „Компеар д маркет“ направи анализа на автономијата на расположливата резерва на автомобили што редовно циркулираат по патиштата со бензински и хибридни мотори и припаѓаат на различни категории. Во студијата се наведени растојанијата што може да ги помине секој модел откако ќе се вклучи индикаторот за резерва.
Има возила чија резерва трае долго. Така, на пример, според веб-страницата, најголема резерва има „фолксваген пасат“, дури 120 километри. По него се „волво В40“ со резерва 113 километри, „форд мондео“ 112, МБВ серија 109 километри, „тојота приус“ има резерва од 107 километри, а „мерцедес Е класа“ 103 километри, „ауди ку5“ 102 километри, „ренџ ровер спорт“ 101 километар.
Има и такви возила чија резерва е значително помала, па треба и посебна внимателност доколку останете на резервно гориво.
„БМВ М3“ има резервно гориво од само 51 километар, а „киа пиканто3 од 52 километри, „фиат 500“ има 59 км, „мини-купер“ 60, „митсубиши аутлендер“ 61, „јагуар ХХК“ 62, „ситроен Ц1“ 62, „пежо 108“ – 63 километри, „нисан џук“ има резерва од 65 километри, а највисока резерва кај оваа категорија возила има „форд фиеста“ со 66 километри резервно гориво.

ПРАВИЛО НА 10 ПРОЦЕНТИ

Резултатите од споменатата студија покажуваат елементи што доколку ги имаме предвид, нема потреба да се плашиме кога ќе се вклучи предупредувањето за тоа дека горивото на нашето возило е при крај. Имено, производителите на моторни возила генерално го почитуваат правилото од 10 отсто што е предвидено како дел од резервоарот што производителите го одредуваат како резерва. Тоа количество од резервно гориво речиси во сите случаи е повеќе од доволно за да отидете на најблиската бензинска пумпа.
А исто така мора да се земе предвид дека потрошувачката се зголемува поради други фактори, на пример ако работи клима-уредот, има поголем сообраќај, има екстремни температури… Уште еден фактор што треба да се земе предвид и зошто не се препорачува да се испразни резервоарот е дека кога во него останува ниско гориво, може да дојде до дефект на моторот – вшмукувачката пумпа може да се прегрее, а во системот може да навлезат кондензирана влага и нечистотија, кои се акумулираат на дното.