Нарушувањето на годишните времиња, горењето на шумите и бучавата во градовите им го нарушуваат здравјето на луѓето. Затоа експертите разгледуваат три еколошки проблеми и начини на кои тие може да бидат решени
Алармантни сознанија од најновиот извештај на Обединетите нации за животната средина
Кога зборуваме за нашето здравје обично се обидуваме да ги следиме препораките на докторите, нутриционистите или на експертите за вежбање, во зависност од тоа до кој степен на загрозеност на здравјето сме дошле. Инаку, доколку не чувствуваме никаква загрозеност, тогаш во принцип само малкумина од нас му го посветуваат должното внимание на сопственото здравје, што, за жал, резултира со загрижувачки резултати.
Но деновиве беа објавени нови алармантни податоци за нашето здравје, при што како сериозен проблем се наведува бучавата. За многумина ова не е толку позната материја и не ѝ се посветувало потребното внимание, но експертите на Обединетите нации не мислат така. Константната бучава во градовите е лоша за нашето здравје, е еден од заклучоците од неодамнешниот извештај на ОН. Според програмата за животна средина на оваа организација, луѓето низ светот – од Барселона и Каиро до Њујорк – се под ризик од висок крвен притисок, дијабетес и срцеви заболувања, благодарение на постојаната сообраќајна бучава, отворените градилишта и другите извори на звучно загадување.
Загадување од бучава: Градови што никогаш не спијат
Гледано на годишно ниво, само на територијата на Европа, постојаната гласна бучава е одговорна за 48.000 нови случаи на срцеви заболувања и прерана смрт на 12.000 луѓе, пишува „Дојче веле“.
Во животинскиот свет, кога станува збор за ваквиот вид загадување, птиците се меѓу најпогодените живи суштества. Папагалите тигрици, врапчињата и сениците пеат погласно или ја приспособуваат својата фреквенција, за да можат меѓусебно да комуницираат за време на бучавата. Но ова резултира со сè почести недоразбирања во нивната комуникација и може да ги намали шансите на мажјаците за пронаоѓање партнерка за парење. Нивните нови песни не се секогаш добро прифатени.
Засадувањето повеќе дрвја и честаци во градовите може да биде од помош, сметаат авторите на извештајот. Растенијата би ја растерувале и ублажувале бучавата, подобрувајќи ги истовремено климата и урбаниот пејзаж. Така на пример, еден дрворед може да го намали нивото на бучава за околу 12 децибели. Сообраќајната бучава може да се намали и со проширување на велосипедските патеки и намалување на коловозните ленти. Креирањето зелени зони во градовите ќе придонесе за употреба на потивки електрични возила и ќе го подобри квалитетот на воздухот.
Сообраќајната бучава станува и дел од секојдневието на поголемите градови во Македонија, особено во Скопје. Сообраќајните експерти веќе советуваат како може да се намали интензитетот на сообраќајната бучава врз граѓаните и препорачуваат примена на одредени мерки. Едно од последните мерења на бучавата беше спроведено пред две години како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии. За утврдување на нивоата на бучава од патниот сообраќај беа извршени мерења на две селектирани локации во Скопје. Резултатите покажаа дека на секоја од мерните локации, максималните вредности се многу поголеми од дозволените, а на одредени локации беа измерени максимални вредности од 111 децибели, односно двапати поголеми вредности од дозволените граници
Нарушување на природниот ритам
Птиците преселници веќе не летаат на југ во зима, растенијата цутат многу порано одошто треба, а кога нема доволно инсекти за прехрана и птиците градат гнезда за своите млади порано од вообичаеното.
Климатските промени не само што ги зголемуваат глобалните просечни температури туку тие ги нарушуваат и животните циклуси, воспоставени во текот на илјадници години. Овие промени влијаат неповолно врз сите видови живеалишта – од планинските предели и крајбрежните региони, па сè до шумите и пасиштата.
Животните и растенијата не можат да се адаптираат на брзината со која се менува планетата, па така се зголемува и ризикот од пропаст на цели земјени и водни екосистеми, а со тоа и голем број непредвидливи последици за човештвото.
Доколку сакаме да го забавиме темпото на климатските промени, мора брзо и драстично да ги намалиме штетните емисии во воздухот. Меѓутоа, според истражувачите, за справување со промените во животните циклуси, од клучно значење е да се заштитат животинските видови, да се обноват екосистемите и да се поврзат живеалиштата по пат на создавање коридори за дивите животни. Ова е единствениот начин да се обезбеди генетиката на сите видови, на начин што ќе им се даде шанса за адаптирање кон новите услови преку природна селекција.
Гасење на огнот со оган
Шумските пожари се неизбежни во голем број региони, но сè подолгите и поекстремни топлотни бранови и суши ја продолжуваат сезоната на пожари и дополнително ја зголемуваат можноста за нивно избувнување.
Минатата година пожарите уништија огромни шумски простори – од Калифорнија до Сибир и од Турција до Австралија. Наедно, овие пожари испуштија и огромни количества загадувачи, како чад, штетни честички и стакленички гасови, со што значително го влошија квалитетот на воздухот во околните градови. Исто така, шумските пожари може да предизвикаат загадување на водата, постепено зголемување на концентрацијата на фосфор и азот во морињата и загуба на биолошката разноликост.
Според мислењето на авторите на извештајот на ОН, одредени мерки на претпазливост би можеле да помогнат во справувањето со шумските пожари и нивните последици. Подобра соработка меѓу соседните региони, сателитско надгледување, детекција на молњите, подобрување на системите за рана превенција и на капацитетите за гаснење пожари – сето ова би можело да биде од голема помош.
Исто така, експертите препорачуваат употреба на традиционални методи за борба против оган со оган. Контролираното горење на шумите и грмушките создава бариера за надојдените шумски пожари. Во одредени екосистеми пожарите можат да бидат дури и корисни, бидејќи одредени цвеќиња и билки растат само кога нивните семиња се загреваат по пат на согорување.
Кога станува збор за шумските пожари, Македонија е на удар последниве години, а лани пожарите беа особено интензивни и зафатија поголеми површини. Според Стојанче Ангелов, првиот човек на Центарот за управување со кризи, за разлика од лани, годинава ќе бидеме поподготвени да се справиме со пожарите. Тој најави дека наскоро ќе бидат оспособени ер-тракторите, кои од воздух ќе помагаат при евентуални шумски пожари. Овие летала најмногу за 60 дена треба да бидат ставени во функција, а освен нив, од небо ќе помагаат и хеликоптери. Во тек е и проект за целосна реформа на системот за управување со кризи, но засега е рано да се знае кога противпожарните служби ќе добијат нова опрема. Истовремено, заедно со Грција се работи на систем за рана детекција на пожари, а Ангелов бара од градоначалниците поголема координација, бидејќи, вели, пожарите се гаснат од земја и најважно е тоа да се направи веднаш штом ќе се појават.
Подготвил: Марјан Велевски