Повеќе од 90 луѓе на преполн брод се удавија во Средоземното Море, соопшти денеска организацијата „Лекари без граници“.
Според соопштението, мигрантите биле на брод кој минатата недела ја напуштил Либија, пренесува агенцијата АП.
Организацијата во соопштението наведе дека танкер со нафта спасил четворица мигранти рано во саботата во меѓународните води.
Се додава дека преживеаните изјавиле дека на бродот биле заедно со уште околу 100 мигранти.
Организацијата ја повика и Агенцијата на Европската унија за заштита на границите „Фронтекс“ и другите агенции на ЕУ да ги откријат деталите за инцидентот.
Мигрантите редовно се обидуваат да го преминат Средоземното Море од северноафриканската земја во обид да стигнат до европските брегови, наведува АП.