Фото: Принт-скрин

Тимот експерти на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ја продолжува посетата на нуклеарната централа „Запорожје“, и покрај извештаите за бомбашки напади, изјави генералниот директор на организацијата Рафаел Гроси.

– Имаше воени активности, дури и утринава, пред неколку минути, но ние не запираме, изјави Гроси во Запорожје, пред да замине за нуклеарната централа, што од градот е оддалечена околу 120 километри.

Гроси кажа дека тимот на МААЕ „веднаш ќе почне со проценка на безбедносната ситуација во електраната“.

Еден од двата оперативни реактори на нуклеарната централа Запорожје е исклучен поради руско гранатирање, соопшти украинскиот оператор „Енергоатом“, пренесоа британските медиуми.

„Поради уште еден минофрлачки напад на руските сили врз нуклеарната централа Запорожје, активиран е системот за итна заштита, а петтата единица е исклучена“, соопшти „Енергоатом“ на социјалната мрежа Телеграм.

Операторот додаде дека блокот шест продолжува да работи и ја снабдува нуклеарната централа со електрична енергија за сопствените потреби.