Фото: Твитер/Дритан Абазовиќ

Европските институции треба да сфатат дека Западен Балкан имаат два патишта: едниот е целосно да се интегрира во ЕУ, што е желбата на сите овие земји, а другиот е да остане црна дупка што е голем проблем и за безбедноста во Европа, порача премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ за време на неговото учество на конференцијата на Економист во Атина и истакна дека идејата е процесот на проширување да остане жив, јави дописничката на МИА од Атина.

На панел-дискусијата на која учествуваше заедно со поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев и премиерот на Косово Албин Курти, Абазовиќ истакна дека она што се случува сега во Украина наликува на нешто слично што се случи на Балканот пред 20-30 години и истакна дека не е невозможно во вакви геополитички услови, „ако не бидеме прифатени од ЕУ да имаме слични проблеми некогаш во иднина“.

– Единствениот начин за справување со негативното влијание од Русија или било кое друго негативно влијание на некои супер сили е да се има позитивно влијание од ЕУ. А ЕУ треба да има позитивно влијание врз нашите земји – истакна Абазовиќ.

Додаде дека Црна Гора сака сите земји од регионот да одат напред, за Западен Балкан да се комплетира како европски регион.

– Сите треба да знаат дека на национализмот на Западен Балкан е длабоко поврзан со корупција. Политичарите кои промовираат национализам се длабоко поврзани со корупцијата. Не сакаат државите да одат напред, сакаат статус кво – порача црногорскиот премиер и додаде дека потребно е да се води борба против тоа.

Говорејќи за Црна Гора, објасни дека тие 100 проценти ја следат надворешната политика на ЕУ и иако имаат историски врски со Русија, сепак Владата е посветена на санкциите.

Изрази поддршка за секоја регионална иницијатива што, како што рече, „ќе ги носи земјите напред“, споменувајќи го и Отворен Балкан и објасни дека иако не се дел од иницијативата, сепак ја поддржуваат.

Тој истакна дека „регионалните иницијативи се механизам што може нашиот интегративен процес кон ЕУ да го направи побрз“.