Обраќање на српскиот претседател пред пратениците во српското собрание

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера се обрати пред пратениците во српското собрание, поднесувајќи извештај за преговарачкиот процес со привремените институции во Приштина за периодот од 15 јуни 2021 година до 1 септември оваа година. Извештајот за преговорите со Приштина е единствената точка на оваа вонредна седница на парламентот, со која претседава претседателот Владимир Орлиќ. На седницата присуствуваат и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, како и лидерите на Српската листа, Здружението на исчезнати лица од Косово и други претставници на Србите од Косово, како и претставници на дипломатскиот кор.
– Народното собрание е вистинското и единственото место каде што треба да се разговара за ова прашање, таму, на тој простор, наш и заеднички, и српски и албански, треба да најдеме живот за Србите и Албанците и тоа е тешка задача, но мора да најдеме решение. Токму затоа мислам дека е многу важно на луѓето да им го понудиме она што е реално, многу е важно да го направиме она што можеме, само што има малку можности за подобрување – рече Вучиќ на почетокот на својата презентација во Српскиот парламент.
Одговорната политика не смее да почива на митови. Тоа значи дека мораме да ги адаптираме нашите митови, додаде тој, нагласувајќи дека Србија никогаш нема да го признае независно Косово.
– Како некој што се заколнал во Уставот на Србија, сè додека можам да влијаам, Србија ниту индиректно ниту директно нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово, ниту ќе се откаже од легитимната борба за државните и национални интереси и од борбата за почитување на меѓународното право – рече Вучиќ.