Србија

Србија ќе обезбеди околу 700 милиони евра пред крајот на оваа година за понатамошни инвестиции во војската и домашната одбранбена индустрија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот во Абу Даби, каде што присуствуваше на Меѓународниот саем за вооружување и воена опрема.
Оценувајќи дека започнала светската трка за оружје каква што „досега никогаш немало“ и дека тоа е „целосно лудо“, Вучиќ тврди дека резервите од оружје ќе бидат потрошени брзо поради голема побарувачка, јавуваат белградските медиуми од Абу Даби.
– Сите сакаат од нас да купат гранати, мини, ракети, боеви глави, сè што има експлозивно полнење, и сакаат да го купат за следните 20 години, бидејќи сите планираат да војуваат толку долго време. Секој се подготвува за нешто, само ние треба да бидеме будали да не го гледаме тоа – рече Вучиќ.
Тој искоментира дека и Србија ќе го стори тоа.
– Ќе имаме надвор од буџетот издвојување од најмалку 500 милиони евра, а бидејќи ќе купиме беспилотни летала пред крајот на годината, очекуваме сумата да биде 700 милиони евра – рече Вучиќ.
Тоа, според неговите зборови, нема да ја наруши финансиската состојба во земјата, затоа што „во ниту еден момент јавниот долг нема да надмине 56 проценти од БДП“.
Укажувајќи дека Србија мора да има силна војска или на друг начин нема да постои, затоа што „ќе исчезне како земја за три дена“, Вучиќ ги покани младите сонародници да се пријават во специјалните единици на армијата на Србија, за што Министерството за одбрана го објави конкурсот минатата недела. Почетна плата на специјалците во две елитни бригади на Војската на Србија, според него, ќе биде околу 2.000 евра.
– Мора да имаме силна војска – рече Вучиќ, повторувајќи дека сите земји инвестираат огромни суми пари во оружје.
Зборувајќи за активностите на безбедносен план, Вучиќ исто така изјави дека Србија преговара со Французите за набавка на повеќенаменски борбени авиони „рафал“, како и дека тоа ќе биде најголемото издвојување од српскиот воен буџет, што би чинело до три милијарди евра.
Претходно на Инстаграм тој најави дека е важно Србија да учествува на саемот за вооружување во Абу Даби, затоа што тоа е „добар начин за презентирање на својата индустрија“. Според претходните извештаи на медиумите, во нацртот на буџетот за 2023 година за одбрана е предвидено околу 1,3 милијарда евра, или околу 2,3 проценти од БДП.
Пред заминувањето за Абу Даби, Вучиќ рече дека Белград ќе мора да се откаже од набавка на руски борбени ловци поради санкциите што беа воведени во Руската Федерација. Србија веќе има проблеми со увоз на делови за постојните авиони „миг 29“ купени од Русите.
– Србија се надеваше на руските борбени авиони „миг“ за противвоздушна одбрана, но купувањето резервни делови за нив стана речиси невозможно – рече Александар Вучиќ, додавајќи дека речиси ништо не може да се увезе од Русија или речиси ништо што има воена намена.
Српските медиуми укажуваат дека Вучиќ во последно време во повеќе наврати истакнува дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана за да се модернизира одбраната на земјата. Притоа, тој и претходно посочил на можно купување француски „рафали“, укажувајќи дека на земјата ѝ требаат силни фактори за одвраќање за да опстане и дека српската армија мора да биде многу посилна во сегашните услови.

Подготвил: Mарјан Велевски