Фото: Александар Вучиќ/инстаграм

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Дубаи изјави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје ја кажал вистината, „дека Западот ја измами Србија по потпишувањето на Бриселскиот договор“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Лавров ги дефинираше тие работи со извонредна точност и прецизност, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.

На новинарско прашање како гледа на изјавата на Лавров дека Србија не може да влезе во ЕУ и да отвори ново поглавје доколку не и воведе санкции на Русија, односно не се усогласи со надворешната политика на ЕУ, Вучиќ рече дека Лавров зборувал и за многу поважни работи за Србија и за српскиот народ.

-За жал, ние Србите не сакаме да слушаме што велат другите, ниту кога доаѓа од запад, ниту кога доаѓа од исток. Би сакале да слушнеме ад хок негативно или позитивно мислење за политичарите што ги сакаме или не и тоа е се. Во суштина, Сергеј Лавров кажа се вистинито. Зборуваше за многу важни работи за Србија и како тоа функционираше од 2013 година и како ја измамија нашата земја по Бриселскиот договор. За да се постигне нешто што треба да се исполни, тогаш само тоа не би се исполнувало и тогаш на Србите да им се каже – епа ете 10 години не се исполни тоа, па ќе добиете двојно помалку од тоа што сте го побарале. Тоа е точно, тоа така се случува, рече Вучиќ.

Тој рече дека единствено прашање е што можеме да промениме, за да ги спасиме нашите деца, да немаме војни и Србија да напредува економски.

-Бидејќи не е лесно, Лавров со извонредна точност и прецизност ги дефинираше тие работи, а моето единствено прашање е што можеме да промениме во нашиот однос, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека Лавров не критикувал и дека тој, Вучиќ, не поставува реторичко прашање до рускиот министер за надворешни работи, туку до Србија, со оглед на тоа што сето тоа го знае во многу полоша форма од онаа што Лавров го претстави на јавноста.

-Таму Лавров беше обвинет дека веројатно ја користат Србија за да предизвикаат конфликти во регионот и слично, но суштината е дека нашите раце се прилично врзани и дека се држиме многу подобро отколку што некој би очекувал, зачувувајќи ги нашите независност, суверенитет и носење одлуки, а не само во смисла на почитување на Повелбата на ОН и чување на нашите граници, рече Вучиќ.

Тој посочи дека ситуацијата е секако тешка и ќе биде уште потешка.

-Тоа го потврдуваат одлуките во кои сметаат дека Охридскиот договор во целина, или што некои мислат дека би било добро тој договор ЕК да го вклучи како дел од преговарачкото поглавје, а она за што зборував може да биде оној дел за кој јасно кажавме дека можеме  да го исполнуваме, но не може да биде дел од преговарачкото поглавје она што кажавме дека не може да се исполни, нагласи Вучиќ.