Архива / Фото: Маја Јаневска-Илиева

На почетокот на Соборот на СПЦ

Соборот на Српската православна црква (СПЦ) денеска почна со литургија во црквата „Свети Сава“ во Врачар наместо во Пеќката патријаршија, како што беше планирано, со порака дека вратата на тој манастир на Косово и Метохија, порано или подоцна ќе биде отворена за него и за врвот на Црквата, како и за сите луѓе со добра волја.

– Требаше денеска да служиме литургија во светата Патријаршија во Пеќ, но актуелните власти во Приштина ни забранија да влеземе во неа и ни ја затворија вратата – рече поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј по литургијата што ја служеше со епископи и митрополити од Србија и дијаспората.

Тој нагласи дека „сè се случува според Божјиот промисла и дека во Господ е секоја победа“.

– Затоа сме сигурни дека, според Божјата волја, вратите на Пеќката патријаршија порано или подоцна ќе се отворат не само за нас, туку и за сите луѓе со добра волја – рече патријархот Порфириј.

Тој изјави дека архиереите се собрале во љубов, единство и меѓусебно разбирање да направат се за „спасение на Божјиот народ“ .

– Вашите молитви се добредојдени и неопходни за овој Собор, како и секој досега, да помине во мир и љубов – им порача на насобраните патријархот Порфириј.

По церемонијата ќе има работен дел во криптата на храмот „Свети Сава“, прво со усвојување на дневниот ред, а потоа и со разгледување на извештаите на архиереите и централните црковни органи.

Работниот дел ќе трае неколку дена зад затворени врати. По завршувањето, Соборот ќе излезе со соопштение.

Како што соопшти вчера СПЦ, патријархот и владиците биле запрени на административниот премин Мердаре од приштински службеници и без образложение им соопштиле дека им е забранет влезот во Косово.

Исто така, СПЦ укажа дека одлуката да се забрани поглаварот и епископите да дојдат во нејзиното античко седиште – од гледна точка на човековите права и слободи на кој било човек – е неразумна и неприфатлива, но во исто време е и точна слика за позицијата на Српската црква и на српскиот народ на Косово и Метохија.


Квинта: Забраната за посета на Порфирие на Косово е спротивна на планот на Ахтисари и обврските од дијалогот

Амбасадорите на таканаречената „Група Квинта“, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, заедно со Мисијата на Европската Унија во Приштина, изразија загриженост поради вчерашната одлука на Владата на Косово да не му дозволи на српскиот патријарх Порфирие и други свештеници да го посетат Косово за да учествуваат на почетокот на годишното собрание на Синодот на Пеќката патријаршија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката на Владата, се вели во соопштението потпишано од амбасадите на петте земји и Канцеларијата на ЕУ, „е спротивна на одредбите од Планот на Ахтисари, кои јасно ги опишуваат правата, привилегиите, имунитетите на свештенството на Српската православна црква и не е во согласност со обврските на Косово добиени во дијалогот олеснет од ЕУ“.

Во реакцијата се нагласува дека од Владата на Косово се очекува да ги исполни највисоките стандарди за човекови права и во својата законска рамка и со своето дејствување. Страните, исто така, беа повикани да се воздржат од дејствија и реторика кои можат да поттикнат тензии.

– Владата треба да дејствува во интерес на сите свои граѓани и да ги задржи основните вредности и одговорности кон регионалната стабилност. Продолжуваме да ги повикуваме двете страни да се воздржат од какви било дејствија или реторика кои би можеле да ги зголемат тензиите и да доведат до инциденти – порачаа Квинтата и ЕУ.

Одбивањето да му се дозволи влез на поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј во Косово е во спротивност со фундаменталните принципи на кое било мултиетничко и толерантно демократско општество, изјави денеска главниот портпарол на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Посетата на патријархот Профириј беше најавена согласно релевантните договори од дијалогот и требало да му биде дозволен влез – рече Стано.

Според него, со ваквата одлука, косовските власти не само што го прекршиле договорот за официјални посети од 2014 години, туку и бесрамно го игнорираат значењето што Српската православна црква го има за дел од жителите на Косово.

– ЕУ продолжува да го повторува својот повик за целосна и безусловна имплементација на сите договори и обврски усогласени во дијалогот, вклучително и оние за официјални посети – потенцира Стано.

Тој додаде дека иако утрешната рунда од разговорите поврзана со изнаоѓањето решение за надминување на проблемите предизвикани со одлуката на косовската Централна банка за прогласување на еврото за единствена легална валута во Косово има целосно пополнета агенда, сепак, како и секогаш, ЕУ нема да ја пропушта можноста да пренесе некои пораки, очекувања и незадоволство од одредени постапки на која било од страните.