Со помош на службеното куче за откривање наркотици „Брат“, грчката крајбрежна служба открила над 18 килограми кокаин во автомобил на пристаништето Лаврио, во близина на Атина. Уапсен е 43-годишен британски државјанин, а проценетата малопродажна вредност на дрогата надминува 1,3 милиони евра, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Од грчката крајбрежна служба соопштија дека автомобилот со странски регистарски таблички влегол во трговското пристаниште во Лаврио. По добиени информации, бил извршен претрес при кој бил откриен кокаинот.
Во возилото биле пронајдени 127 пластични пакувања со вкупно 18 килограми и 113 грама кокаин. Дрогата била внимателно сокриена во шуплините кај багажниот простор и во специјално изработен таен простор под главниот дел на багажникот, кој бил откриен со помош на службеното куче „Брат“.
Скриениот простор се отворал со посебно прикриено копче, кое не било дел од оригиналната конструкција на возилото.
Според процената на грчката крајбрежна служба, вредноста на запленетиот кокаин на малопродажниот пазар надминува 1,3 милиони евра.

































