Трошокот за станарина достигнува 60 до 70 проценти од просечната плата - Атина / Фото: ЕПА

На лицата што изнајмуваат станови во главниот град на Грција им се потребни повеќе месеци додека најдат поволен стан за изнајмување. Вообичаено висината на киријата изнесува околу две третини од просечната плата во Грција, односно 900 евра за стан од 130 квадратни метри

Грција: Високите цени на недвижностите повеќе од сериозен проблем

Месечните издатоци за изнајмување стан во Грција стануваат сѐ повисоки, што ги принудува граѓаните на таа земја да се враќаат да живеат со своите родители или да ја делат станарината со други лица. Цените на становите во Грција се во постојан пораст, а повеќето млади лица не можат да си дозволат да имаат сопствен дом. Секој трети грчки жител има статус на „потстанар“, што е подобро во споредба со Германија, каде што повеќе од половина население живее под кирија. Но, според податоците на „Евростат“, месечните трошоци за станарина во Грција се поголеми во Италија, Шпанија и во Германија ако се има предвид висината на просечните приходи.
На лицата што изнајмуваат станови во главниот град на Грција им се потребни повеќе месеци додека најдат поволен стан за изнајмување. Вообичаено, висината на киријата изнесува околу две третини од просечната плата во Грција, односно 900 евра за стан од 130 квадратни метри. Во Германија месечната станарина изнесува една третина од платата, но има исклучоци од тоа правило, поради големиот недостиг од слободни станови за изнајмување. За стан во Атина со површина од 59 квадрати киријата изнесува 380 евра.
– Просечен работник во Грција, според податоците на „Евростат“, за станарина троши 37 отсто од својата плата. Во големите градови, како што се Атина и Солун, овој процент достигнува од 60 до 70 отсто – вели Анделос Скијадис, правник и претставник на здружение за заштита на станарите, во разговор за „Дојче веле“.
Убавото време и релативно ниските цени за купување и за изнајмување недвижности во последните години привлекоа голем број инвеститори и туристи. Наглиот пораст на цените за изнајмување се должи на тоа што странците купуваат недвижности, како и на намерата на инвеститорите да ги покријат намалените приходи поради економската криза во последните години. Има многу купувачи од странство што се надвор од Европската Унија, а кои со купување недвижност со висок квалитет во Грција се стекнуваат со правото да добијат златна виза, која им овозможува престој во Грција, и шенгенска виза. Тоа се претежно кинески и арапски граѓани, кои купуваат станови или цели станбени блокови, а потоа им ги „отстапуваат“ на фирми што нудат недвижности за изнајмување, се разбира и по надувани цени.
Стратос Парадијас, претставник на здружението на сопственици на недвижности, во разговор за „Дојче веле“, објаснува дека мал дел недвижности во одредени делови во Атина им се изнајмуваат на туристите преку резервации на различните интернет-платформи, Неговите сознанија се дека има илјадници празни станови, но сопствениците не ги ставаат на пазарот за изнајмување поради високите трошоци за реновирање и високите даноци од изнајмување. Даночната стапка изнесува 15 отсто за приходи остварени со изнајмување до 12 илјади евра на годишно ниво и 45 отсто за приходи повисоки од 35 илјади евра годишно.
Решенијата на големиот станбен проблем со кој се соочува Атина учесниците на пазарот на недвижности ги гледаат во продолжувањето на роковите за изнајмување станови на шест години, за разлика од сегашните три години. Исто така се предлага и ограничување на висината на годишната наемнина на шест отсто од објективната вредност на недвижноста. Едно од решенијата што се предлагаат е и намалување на данокот на приходи од станарини, за да се охрабрат сопствениците на слободни станови да ги стават во понудата на пазарот на недвижности.

Подготвил: Митко Јовановски