Фото: ЕПА

Ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток ја поттикна загриженоста дека може да се нарушат испораките на нафта од тој регион. На светските берзи цената на нафтата порасна втора недела по ред. На лондонскиот пазар цената на барелот се зголеми за 1,4 отсто, на 92,16 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 1,2 отсто, на 88,75 долари

Во зависност од вестите на Блискиот Исток, цените на нафтата и гасот варираат дури и во текот на една седмица од месецот. Кога вестите укажуваат на затегнување на политичко-безбедносната состојба, цените ќе се зголемат, додека цените ќе бидат пониски во моменти кога се чини дека тензиите се намалуваат.
Израел со денови најавува во јавноста копнена инвазија на Газа, а интересно е што дури и таквите вербални најави влијаат на цените на нафтата и гасот.
– Цените на нафтата значително пораснаа поради индициите дека наскоро би можело да дојде до израелска копнена офанзива во Појасот Газа – пишуваа во петокот аналитичарите на Комерцбанк во преглед на состојбата на пазарот.
Секое проширување на конфликтот меѓу Хамас и Израел може потенцијално да влијае на глобалната економија и на енергетската безбедност.

Американскиот енергетски аналитичар Дејвид Блекмон: Треба внимателно да се следат активностите на Катар!

Ситуацијата може да се промени доколку администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одлучи повторно да воведе санкции за нафтата што ја извезува Иран, вели искусниот американски енергетски аналитичар Дејвид Блекмон во својот коментар за британскиот весник „Телеграф“. Блекмон вели дека треба внимателно да се следат активностите на Катар, кој извезува течен природен гас во Азија, Европа и во Велика Британија.
– Катар има силни врски со Хамас и Иран, главниот спонзор и финансиер на Хамас. Лидерот на Хамас е со седиште во главниот град на Катар, Доха, а голем дел од средствата со кои располага добива од катарските власти. Според Фондацијата за одбрана на демократијата, Катар годишно му испраќа на Хамас помеѓу 360 и 480 милиони долари, што ѝ овозможи на организацијата да ги финансира јавните услуги во Газа и да ја зајакне својата позиција на територијата – вели Блекмон.
Поради овие врски, Катар може да биде вовлечен во конфликтот меѓу Хамас и Израел. Имено, кога Вашингтон и Техеран во септември годинава се договорија за размена на затвореници и трансфер на шест милијарди долари од Америка во Иран, лидерите на земјите се договорија споменатите пари да бидат депонирани во банките во Доха. Откако Хамас го нападна Израел, започнаа шпекулациите дека Иран дел од тие пари му префрлил на Хамас, додава Блекмон.

Американскиот државен Антони Блинкен: Иран не пристапил до парите што
отишле во Катар

„Њујорк тајмс“ напиша дека Владата на Катар ги замрзнала овие средства по неколкудневни преговори. На прашањето за наводниот договор со Катар, американскиот државен секретар Антони Блинкен директно не рече дека постои, но рече дека Иран не пристапил до парите што отишле во Катар. Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека парите сѐ уште стојат на банкарска сметка во Катар и дека не се потрошени.
Откако настаните во Украина доведоа до промена на позициите на светскиот енергетски пазар, Катар стана еден од главните играчи на пазарот на течен гас. Според извештаите на британската влада, Катар задоволува 30 отсто од британските потреби за течен гас, но слична е ситуацијата и во Европа. Голем дел од течниот гас на Катар оди и во Азија. Според податоците за 2021 година, таму отишле 70 отсто од гасот од Катар. Неговиот гас го купуваат Кина, Јужна Кореја, Индија, Јапонија и Пакистан. Секое нарушување на бизнисот со гас на Катар значително ќе влијае на економските можности во Азија и Европа, истакна Блекмон.
Катар е исто така важен фактор поради неговата географска положба – во средината на Персискиот Залив.
– Од клучно значење е Ормутскиот Теснец да остане отворен бидејќи го поврзува Персискиот Залив со светските океани и им овозможува на арапските земји да ги пласираат своите енергетски производи на светскиот пазар. Американската војска ја презеде безбедноста на Ормутскиот Теснец по Втората светска војна. Иран, кој се наоѓа на едната страна од Ормутскиот Теснец, често се обидуваше да го попречи неговиот тек. Америка би одговорила на таквите потези со испраќање своја војска во областа – рече Блекмон, кој предупреди дека секоја ескалација на конфликтот меѓу Хамас и Израел може потенцијално да влијае на глобалната економија и енергетската безбедност.

Подготвил: Митко Јовановски