Извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, изјави дека годинава на Унгарија ѝ биле испорачани 1,3 милијарда кубни метри гас, како додаток на постојните договори

Официјална Будимпешта побара испорака на дополнителни количества руски гас

Унгарија планира за претстојната грејна сезона од Москва да купи поголеми количества руски гас. Оваа информација, која беше соопштена од централата на „Газпром“, доаѓа во време кога Западот сѐ погласно ја критикува Унгарија дека ја финансира војната во Украина, затоа што не ги поддржува санкциите кон Русија, пишува „Политико“.
Извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, изјави дека годинава на Унгарија ѝ биле испорачани 1,3 милијарда кубни метри гас, како додаток на постојните договори. Името на Милер се наоѓа на листата на санкционирани лица од страна на САД и Велика Британија, поради неговата поддршка на војната во Украина. Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатата недела во Пекинг разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, за испорака на гас и нафта, но и за нуклеарно гориво. Претходно, Орбан во Будимпешта говореше дека „нема да дозволи санкции, кои дополнително би придонеле за растот на инфлацијата во Унгарија“, со дополнување дека нема да поддржи остри санкции на ниво на Европската Унија.
Давид Пресман, американскиот амбасадор во Унгарија, состанокот меѓу Орбан и Путин го нарече „загрижувачки“ и ја нагласи потребата за расправа за „продлабочените односи меѓу Будимпешта и Москва“. Пресман во објава за Х напиша дека унгарскиот лидер одлучил да застане покрај човекот чии „сили се одговорни за злосторствата против човештвото во Украина и тој е единствен меѓу западните сојузници“.
– Додека Русија напаѓа цивили, Унгарија потпишува деловни аранжмани – изјави тој.
Валаш Орбан, главниот политички соработник на Виктор Орбан, ги отфрли американските критики и изјави дека Унгарија е заситена од лицемерството на американскиот амбасадор.
Од унгарското министерство за надворешни работи и трговија одбија да ја потврдат или да ја коментираат објавата од „Газпром“, а надлежно лице за „Политико“ изјави дека функционерите на надворешнотрговскиот сектор се на продолжен викенд по повод Денот на републиката, кој се одбележува во знакот на сеќавање на востанието против советската репресија и за либерализација на општеството од комунизмот во 1956 година.
Во април, Олег Устенко, економскиот советник на украинскиот лидер Володимир Зеленски, рече дека неколкуте договори меѓу Унгарија и Русија ја направија оваа земја членка на ЕУ соучесник во украинскиот судир.

– Морате да бидете целосно слепи за да не видите какви злосторства се спонзорираат. Со купување дополнителни количества гас од Русија значи дека им давате повеќе капацитет за ескалација на војната – изјави тогаш Устенко за „Политико“.
Претходно потпишаниот договор со кој „Газпром“ овозможи дополнителни резерви за Унгарија, унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто го образложи со ставот дека „сигурна набавка на Унгарија со енергија бара непречен транспорт на гас, нафта и нуклеарно гориво“.
– За да се исполнат овие три услова, унгарско-руската енергетска соработка мора да биде непрекината. Ова нема врска со политичките преференцијали – изјави унгарскиот министер за надворешни работи.
Виктор Орбан минатиот вторник одржа билатерален состанок со Путин на маргините на форумот „Појас и пат“ во Пекинг. Тој е единствениот шеф на земја членка на Европската Унија што присуствуваше на форумот или се сретна со Путин откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година. Орбан му рекол на Путин, за време на нивната средба во Пекинг, дека Унгарија никогаш не сакала да ѝ се спротивстави на Русија и дека се обидува да ги спаси билатералните контакти. По состанокот на Орбан, амбасадорите на земјите од НАТО и Шведска се собраа во Будимпешта за да разговараат за загриженоста за растечкиот пристап на Унгарија кон Москва.