Црна Гора

Мандатарот за составување на новата влада на Црна Гора, Милојко Спајиќ, најави дека новата извршна власт ќе го одложи пописот за еден месец. Пописот на населението во Црна Гора беше најавен од 1 до 15 ноември. Одложување на еден месец е во согласност со договорот на новото парламентарно мнозинство. Од управата за статистика „Монстат“ информираат дека одложувањето на пописот на населението во Црна Гора за еден месец ќе ги зголеми вкупните трошоци за 20 отсто, во износ од 600 до 700 илјади евра. Овие средства би биле потребни за покривање на дополнителните трошоци за ангажирање на попишувачите, како и за закуп на одредени простории.
Претседателот на црногорската влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ, вчера изјави дека, што се однесува до сегашната влада, пописот на населението може да почне и нема пречки за негово одржување, а доцнењето ќе значи дополнителни трошоци.
Абазовиќ го кажа тоа на седницата на Владата и додаде дека завчера непознати лица им пречеле во работата на инструкторите и попишувачите во Улцињ, поради што било побарано од полициската управа да се вклучи во безбедносната процена на попишувачите.
– Во моментов нема пречка да почне процесот. Мораме да размислуваме за дополнителни трошоци доколку се одложи процесот. Без разлика на тоа, сосема е легитимно да се носат одлуки – рече Абазовиќ.
Одложувањето на пописот го бараше опозицијата, како и дел од малцинските совети, за да не се доведе во прашање релевантноста на податоците и да се избегне опструкцијата или политизацијата на пописниот процес. Од неделава почна и кампања за бојкот на пописот на населението, зад која стои Демократската партија на социјалистите, на поранешниот лидер Мило Ѓукановиќ, а на тоа се приклучија и социјалдемократите и малцинските совети на Албанците, Бошњаците и Хрватите. „Бојкотирам фалш попис – значи постојам“, „Не сме дома, дојдете в година“ се дел од пораките на опозициската ДПС, со кои ги повикуваат граѓаните на Црна Гора да не учествуваат во пописот на населението. Едно од основните барања на ДПС за одложување на пописот е овозможување учество на опозициските партии во пописните комисии.
Новото парламентарно мнозинство од Демократскиот фронт, Демократите и Социјалистичката народна партија, кое ќе го поддржи изборот на новата влада се противи на одложувањето на пописот за следната година. Мандатарот Милојко Спајиќ најави дека по изборот на неговата влада ќе го одложи пописот за еден месец. Новата влада на мандатарот Спајиќ не е формирана ни четири месеци од јунските парламентарни избори, а рокот за тој процес завршува на осми ноември.