Илустрација / Фото: Принтскрин

Два пожара, на две различни локации, едниот во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, другиот на Пелопонез во близина на Коринт се активни во Грција и засега се вон контрола, а превентивно се евакуирани граѓани, додека пак во близина на Атина веќе има и материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот во источниот дел на областа Атика активен е над пет часа и поради силниот ветер се шири со голема брзина, а веќе изгореа домови во неколку населби кои не се густо населени.

Поради пожарот на Пелопонез, затворен е автопатот од Атина до Коринт и во двата правци, а превентивно беа евакуирани детски камп и дом за нега на стари лица.

Преку бројот 112 за итни случаи беа испратени неколку пораки до жителите на населбите во близина на пожарите и кај Атика и кај Коринт за превентивна евакуација, додека пак пожарникарите од копно и воздух се обидуваат да ги стават под контрола огнените јазици.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА за пожарите ќе се одржи вонреден состанок на надлежните министри.