Србија

Подготвил: Марјан Велевски

Во Вишиот суд во Белград вчера почна судењето на четворица припадници на хрватското воздухопловство што беа обвинети за ракетирање конвој бегалци – цивили од српска националност во август 1995 година, кај Босански Петровац и Нови Град. Во обвинението се наведува дека со дејствата на четворицата обвинети „биле убиени и ранети неколку цивили од српска националност“. Во обвинението се тврди дека меѓу жртвите имало и четири деца. Четворицата обвинети се хрватските пилоти Владимир Микач (67) од Птуј, Зденко Радуља (69) од Осиек, Жељко Јелениќ (69) од Пула и Данијел Боровиќ (64) од Вараждин.

Хрватска не ја признава јурисдикцијата на српското правосудство

Случајот во Хрватска се следи на највисоко државно ниво.
Најпрвин реагираше хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
– Се покажа добра волја за конечно да се стабилизира приказната за војната во која Србија ја нападна Хрватска, а потоа пуф. Еве ги обвиненијата. Темата е важна за Советот да го усогласи ставот како ќе реагираме – рече Милановиќ и додаде дека мисли дека целата работа е бесмислена приказна бидејќи Србија си зема за право да суди за сите настани што се случиле каде било на територијата на поранешната држава.

Вицепремиерот на Хрватска, Томо Медвед, на средбата со четворица пилоти на хрватското воздухопловство од „ВРО Олуја“ истакна дека хрватската држава ќе ги искористи сите механизми за ефикасно да ги заштити пилотите од обвинувањата, а министерот за одбрана Марио Баножиќ изјави дека хрватските пилоти ќе добијат јасни инструкции како да се однесуваат во сегашната ситуација.

Интересни забелешки на сметка на сите засегнати страни од страна на хрватскиот адвокат Анте Нобило

Познатиот хрватски адвокат Анте Нобило, во своја кратка изјава за јавноста, истапи со многу интересни процедурални забелешки. Тој нагласи дека нема нови информации во тој случај, но дека сите актери направиле сѐ погрешно!
– Хрватската држава не го презеде случајот, но требаше да го преземе; пилотите требало да контактираат со избраните бранители во Белград и да им дадат докази. Државното правобранителство направи грешка бидејќи не презеде истрага за да се види кои се непосредните сторители; политичкото раководство на Србија, Вучиќ и Вулин, згрешиле бидејќи веќе ги прогласиле пилотите за виновни и го контаминирале овој процес; опозицијата и граѓанското општество на Хрватска направија грешка што не ги ставија жртвите на страна, не побараа истрага – предупреди адвокатот Анте Нобило.