Фото: Принтскрин

Панајотис Стафилос го преживеа судирот на возови во Грција во кој загинаа најмалку 47 лица, јавува „Би-би-си“. Имал билет за друго купе, но за негова среќа погрешил, ги измешал бројките и отишол во друг вагон.

По страшната несреќа, првиот и вториот вагон на возот беа речиси уништени. Да седеше каде што требаше, веројатно ќе загинеше. Петтиот вагон во кој заврши младиот човек успеа да остане на шините, наведува британскиот медиумски сервис.

– Можеби од чиста среќа или ме чувал Бог, па не сум меѓу повредените или загинатите – изјави Стафилос за „Би-би-си“.

Несреќата се случила на 534 километри северно од Атина, кога брз патнички воз што се движел кон Солун, се судрил со товарен воз што доаѓал на истата пруга, а потоа излетал од шините и се запалил. Сѐ уште не е познато како возовите завршиле на истата пруга.