Фото: Емил Јовановиќ

На македонските листи и за март водечки се Георгиев и Секуловска. Претендентите за титулата светски првак, кои овој месец ќе играат меѓусебен меч, Непомнијашчи и Лирен, и понатаму се на втората, односно на третата позиција, а кај шахистките Конеру и Горјачиина сега го делат второто место

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА МАРТ

Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах Магнус Карлсен (2.852 рејтинг-поени) од Норвешка во машка и Јифан Хоу (2.638) од Кина во женска конкуренција се на врвот и на најновата мартовска рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Претендентите за титулата светски првак, кои овој месец ќе играат меѓусебен меч, Русинот Јан Непомнијашчи (2.795) и Кинезот Динг Лирен (2.788), и понатаму се на втората, односно на третата позиција, со тоа што Русинот освои два нови поена во однос на листата од февруари.
Меѓу првите 10 на светот, победникот на престижниот турнир во Вајк ан Зе, Холанѓанецот Аниш Гири (2.768), освои најмногу поени, 10, и е на петтото место, а нови пет поени освои и Американецот Весли Со (2.761), кој е осми. Победникот на последниот турнир во Диселдорф, Американецот Левон Аронијан (2.745), освои нови девет поени и од 17-то се искачи на 11-то место.
На светската листа за шахистки, Индијката Химпи Конеру (2576) со новите четири поени ја стигна Русинката Александра Горјачиина (2.576) и сега го делат второто место.
Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.542 поени) и понатаму води на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ за март иако загуби шест поени. Следуваат ВМ Никола Митков (2.490) со нови три поени, ВМ Трајко Недев (2.465), ИМ Филип Панчевски (2.453) со плус еден поен, ВМ Александар Чоловиќ (2.440) итн. ИМ Тони Лазов (2,348) освои нови осум поени и е 11-ти, а ИМ Никола Николовски (2.340) загуби седум и е на 12-то место. Листата од 10 шахисти за март ја заокружува ФМ Емил Ристески (2.366).
Кај Македонките нема промени на врвот во однос на февруари, води ЖФМ Весна Секуловска (рејтинг 2.065), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.042) и Бојана Бејатовиќ (2.000).
Македонија, мажи, напредуваше за едно место и сега е 55-та (просечен рејтинг на првите 10 играчи е 2.438 поени), а Македонија, жени, е 58. (1.934), меѓу 200 држави. Во светот, кај мажите први се САД (2.728), пред Индија (2.690) и Русија (2.692), а кај жените води Кина (2.468), пред Индија (2.415) и Грузија (2.412), која пак, ја мина Русија (2.409). Г.И.