Во првиот круг од овој циклус за пласман на ЛОИ 2024, на пет турнира ќе настапат 40 репрезентации од целиот свет. Победниците ќе се пласираат во квалификациите за Игрите во Париз, во кои ќе играат 24 селекции, на четири турнира, од кои победниците ќе настапат на ЛОИ 2024

КОШАРКА

Според информацијата од Светската кошаркарска федерација (ФИБА), во првиот круг претквалификации за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година ќе се најдат 40 репрезентации од целиот свет, меѓу кои и машката репрезентација на Македонија. Во тој циклус ќе играат 28 селекции што не се пласираа на годинашново Светско првенство (СП), како и 12 најдобри репрезентации од тие што не обезбедија место во втората фаза од светските квалификации, меѓу кои е и Македонија, а во оваа група, од Европа, освен избраниците на македонскиот селектор Александар Јончевски, уште се Полска и Португалија, заедно со Мали (Африка), Чиле, Куба, Девствените Острови (Америка), Кинески Тајпеј, Индонезија, Кореја и Сирија (Азија).
Според планот на ФИБА, треба да се одржат пет турнира во пет града во светот (два во Европа, по еден во Африка, Азија и во Америка), од 12 до 25 август, а на кои ќе настапат по осум репрезентации поделени во по две групи. Петте победници на турнирите ќе се пласираат во квалификациите за ЛОИ 2024, во кои ќе има уште четири турнири (со вкупно 24 репрезентации), од кои, пак, победниците ќе играат на ЛОИ во Париз. На ЛОИ 2024 директно е пласиран домаќинот Франција, седум места има за најдобрите селекции од годинашното СП (по две репрезентации од Европа и од Америка, по едно од Азија, Африка и од Океанија), како и четири за селекции од квалификациите.
За Македонија ова е втора можност да дојде до пласман на олимписки турнир, по настапот на турнирот во Венецуела во квалификациите за ЛОИ 2012 во Лондон.
Во меѓувреме завршија и квалификациите за пласман на СП 2023, па познати се сите репрезентации што ќе настапат. Извлекувањето на групите е закажано за 29 април во филипинскиот град Кезон Сити. По мечевите во осумте групи, двете најдобри селекции од секоја група ќе продолжат во вториот круг, каде што ќе се формираат нови четири групи, од кои по две репрезентации ќе се пласираат во четврт-финалето.
На СП 2023 ќе настапат Србија, Шпанија, Летонија, Финска, Германија, Словенија, Литванија, Франција, Грузија, Италија, Црна Гора, Грција, Канада, САД, Порторико, Доминиканска Република, Венецуела, Бразил, Мексико, Австралија, Кина, Либан, Иран, Нов Зеланд, Јордан, Филипини, Јапонија, Брегот на Слонова Коска, Египет, Јужен Судан, Ангола и Зелено’ртските Острови. Г.И.