Фото: Принтскрин/Фејсбук

Косовската полиција од утрово го претресува имотот на Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, кој организираше акција во селото Бањска во која загинаа четири лица, пренесуваат српските медиуми.

Косовскиот министер за полиција Џељај Свечља објави видеоснимка од внатрешноста на вилата на Радоичиќ на брегот на езерото Газиводе, нарекувајќи го Пабло Ескобар од регионот.

– Детално и до крај ќе се истражува терористичкиот напад со кој се соочи косовската полиција во селото Бањска. Косовската полиција, согласно судската наредба, денеска изврши претрес во станот на Милан Радоичиќ, неговата вила на Ујманското езеро – напиша Свечља на својот фејсбук-профил – пренесе српска „Нова“.

– Дури и од сликите што може да се видат, очигледно е дека не се работи за борец за слобода туку за Пабло Ескобар од регионот. Под превезот на бранител на граѓаните, тој и неговите соработници станаа мултимилионери на сметка на законот, државата и другите граѓани. Затоа, неопходно е да се истражи местото на злосторството сите овие години на северот на земјата заедно со целиот имот на терористичката група – заклучи Свечља.

Од утрово трае претресот на имотот на Милан Радоичиќ во Косово, а во меѓувреме тој ја призна целосната одговорност за настаните во селото Бањска, кога загинаа четири лица.