Фото: Пиксабеј/Илустрација

Во Клиничкиот институт за дијагностичка и интервентна радиологија на КБЦ „Милосрдни сестри“ во Загреб, за првпат во Хрватска и овој дел од Европа извршена е иреверзибилна електропорација кај двајца пациенти со рак на црниот дроб со развиени метастази, чии тумори се уништени, пренесуваат хрватските медиуми.

Под стручно водство на д-р Лука Новосел и неговиот тим, во вторникот беа извршени процедури на иреверзибилна електропорација (ИРЕ) со метод на аблација, кој не користи топлина за уништување на туморите, туку специфични електрични импулси што предизвикуваат смрт на клетките, т.н. апоптоза, метод со кој нема ризик дека ќе се уништат и околните здрави клетки и ткива.

– Главната предност кај овој метод е природната смрт на туморот, метод со кој потоа телото самостојно и целосно го разградува туморот во рок од шест месеци и го заменува со ново здраво ткиво, поради што на органите не останува ниту лузна – истакна директорот на КБЦ „Милосрдни сестри“, д-р Давор Вагиќ.

Методот е потенцијално решение за третман на тумори и метастази лоцирани длабоко во црниот дроб, кои се недостапни за операција. Може да се користи и за лекување на тумори на панкреасот и на простатата кои се тешко достапни со класични хируршки процедури, се додава во соопштението.

Пациентите на кои им беше извршена процедурата беа отпуштени од болницата веќе наредниот ден, без компликации и болки.

– Постапката на иреверзибилна електропорација (IRE), спроведена од стручниот тим на „Милосрдни сестри“, ја следеа лекари од земјите во регионот со цел да ја воведат и во нивните болнички центри – рече директорот д-р Вагиќ.